Регулативата на ЕУ за транспарентност и насоченост на политичкото рекламирање што стапи на сила на 10 октомври е дизајнирана да им помогне на граѓаните подобро да го препознаат политичкото рекламирање, но и да откријат кој стои зад него и дали е насочено кон конкретна група. Регулативата бара поставување линкови на веб-страници или QR- кодови кои упатуваат на местото каде што може да се преземе известувањето за транспарентност во кое се наведува сумата примена за една реклама, како и за целата кампања
Во политичкото рекламирање при избори, референдум и слично, земјите на Европската Унија отсега мора да се придржуваат на нови правила и да прифатат драконски казни ако ги прекршат.
Регулативата на ЕУ за транспарентност и насоченост на политичкото рекламирање што стапи на сила на 10 октомври е дизајнирана да им помогне на граѓаните подобро да го препознаат политичкото рекламирање, но и да откријат кој стои зад него и дали е насочено кон конкретна група. Регулативата предвидува политичкото рекламирање да биде јасно означено и задолжително да вклучува информации достапни за пошироката јавност за тоа кој платил за него, со кој изборен, референдумски, законодавен или регулаторен процес е поврзано и дали се користени техники за одредување целни групи на корисниците и испорака на реклами. Терминот политичко рекламирање сега вклучува пошироки општествени прашања кои не се директно поврзани со избори или референдуми, а една од важните одредби е дека три месеци пред изборите се воведува целосна забрана за политичко рекламирање финансирано од спонзори надвор од ЕУ. Доколку се прекршат овие правила, се плаќа казна. Паричните казни се движат од 13.270 до 132.720 евра, или од еден до шест проценти од годишниот приход или буџет во претходната година, во зависност од тоа која сума е поголема.
Земјите членки на ЕУ една по една ги прифаќаат овие правила, а последна во низата е Хрватска, во која тече постапка за нивно вклопување во националното законодавство. Станислав Бендер, раководител на Одделот за следење и анализа на медиумската содржина во хрватската Агенција за електронски медиуми (АЕМ), за „Индекс. Хр“ објаснува што се бара со упатствата издадени од Европската комисија. Со нив е пропишано дека издавачите на политички огласи се должни на „јасен, видлив и недвосмислен начин“ да ги стават на располагање следните информации: изјава дека станува збор за политичка реклама, информации за идентитетот на спонзорот и, доколку е применливо, субјектот што на крајот го контролира спонзорот и со кој изборен, референдумски, законодавен или регулаторен процес е поврзана политичката реклама. Потребно е и известување за транспарентност во кое мора да биде наведена вкупната сума примена за одредена политичка реклама, како и за целата политичка рекламна кампања. Оваа регулатива исто така предвидува поставување линкови до веб-страници или QR-кодови за упатување на местото каде што може да се преземе известувањето за транспарентност, особено во случај на политички реклами достапни преку телевизија и дигитални медиуми. Тие известувања за транспарентност треба да се чуваат седум години по последното објавување на политичката реклама, а секоја објавена политичка реклама треба да биде достапна во европското складиште за политички реклами.
Како главен проблем при политичкото рекламирање хрватските аналитичари го посочуваат тоа што „Мета“ и „Гугул“ го укинале политичкото рекламирање на територијата на ЕУ. Ова не е никаков проблем за етаблираните политички партии, но ги погодува граѓанските организации, гласачите и помалите политички партии. Се оценува дека одлуката на „Мета“ и „Гугл“ би можела да резултира со нетранспарентна соработка со инфлуенсери и со сомнителни интернет-адреси.