Турската компанија „Казанџи холдинг АС“ ќе вложи една милијарда евра во развој на нови капацитети за производство на електрична енергија, изградба на дистрибутивна мрежа за природен гас, како и мерки за зголемување на сигурноста во снабдувањето со гас. За реализација на оваа инвестиција, денеска, во Владата беше потпишан меморандум за разбирање со оваа компанија.

– Со потпишувањето на овој меморандум со „Казанџи груп“, отвораме простор за реализација за значаен стратешки проект, вреден до една милијарда евра, инвестиција што ќе има реално, практично и долгорочно влијание врз енергетскиот систем на државата. Енергијата е основа за секој вид производство, за функционирањето на институциите, за нормален живот на граѓаните. Со оваа инвестиција се отвораат нови можности за индустријата, се поддржува гасификацијата, се отвораат нови работни места и се зајакнува енергетската отпорност на државата. Истовремено, со развојот на домашните производствени капацитети, ги намалуваме зависноста од увоз и влијанието на надворешните ценовни и политички ризици – рече премиерот Христијан Мицкоски, кој нагласи дека ова не е само инфраструктурен проект туку и проект што ги засега безбедноста, стабилноста и економската иднина на државата.

Претседавачот на турската компанија „Казанџи холдинг АС“, Шабан Џемаил, истакна во своето обраќање дека проектот е веќе готов и по истражувањето направено од професионалци, може да започне со реализација.

– Разговорите за овој проект се започнати многу одамна. Проектот е веќе готов и сега ќе се направи едно истражување, по што овој проект од една милијарда евра ќе почне со реализација. Ќе има голем професионализам при надзорот на овој развој на нови енергетски системи и се надевам дека ќе направиме голем чекор кон напредокот на енергетиката. Ова ќе биде еден стратешки центар на Балканот. Му благодарам на претседателот на Владата за напорите што ги вложува за овој проект и верувам дека ќе се реализира во најблиска иднина – рече Џемаил.

ИЗДВОЕНИ