Каваи Ленард е во неверојатна форма, а во победата против Јута го повтори уникатниот настап на Коби Брајант. Лос Анџелес Клиперс славеше со 118:101, меч во кој Ленард постигна 45 поени и го предводеше својот тим до шестата последователна победа.

Како Ленард го стигна Брајант? Легендарната „Мамба“ беше единствениот играч во историјата на НБА, кој во просек постигнуваше 40 поени или повеќе во пет последователни натпревари, шутираше најмалку 50 проценти од поле, најмалку 40 проценти од линијата за три поени и најмалку 90 проценти од линијата за слободни фрлања, додека неговиот тим ги доби сите пет натпревари.

Иако податоците изгледаат комплицирани, фактот дека само Коби успеа да го направи ова, во март 2007 година, зборува многу за големината на потфатот. Ленард има просек од 40,4 поени во последните пет победнички натпревари.

Во дуелот помеѓу Далас и Филаделфија се натпреваруваа двајца од најдобрите дебитанти оваа сезона, Купер Флаг и ВЈ Еџкомб, а тимот од Филаделфија победи со 123:108. Победниците ги предводеше Тајрис Макси со 34 поени и 10 асистенции, а имаше одлична поддршка во Еџкомб, кој додаде 23 поени. Кај Далас, Макс Кристи беше најефикасен со 18 поени, додека Флаг застана на 12.

Норман Пауел исто така беше расположен, водејќи ги Мајами до победа од 118:112 против Детроит со 36 поени. Во поразениот тим, на Кејд Канингем му недостигаа два скока за ефект „трипл-дабл“, а го заврши натпреварот со 31 поен и со 11 асистенции.

Хјустон убедливо славеше во Њујорк против Бруклин Нетс со 120:96. Амен Томпсон се истакна со 23, а Кевин Дурант со 22 поени и со 11 асистенци. Кам Томас постигна 21 поен за Нетси.

Иако не го служеше шутот за три поени (1/9), Џејлен Браун го предводеше Бостон до победа од 120:106 кај Сакраменто со 29 поени и 10 скока. Демар де Розан беше најдобар кај домашните, со 25 поени.

 

ИЗДВОЕНИ