Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, најави изградба на јавна општинска установа за вонсемејна социјална заштита на стари лица во Општината.
Претседателот на Советот на Општина Кавадарци, Стојанчо Рамов, и министерот за труд и социјална политика, Фатмир Лимани, веќе потпишале договор за изградба на старечки дом, објект на Општина Кавадарци, а стопанисувањето ќе биде заедничко со Министерството за социјална политика, демографија и млади.
-По склучувањето на договорот, ќе следуваат тендерска постапка од страна на надлежното министерство и започнување на градежните активности – напиша Јанчев на „Фејсбук“.
Овој дом ќе располага со капацитет од 55 легла, современо уредени и опремени со сите неопходни услови за достоинствен живот. Локацијата на објектот била внимателно избрана – веднаш до споменикот на Киро Крстев, во близина на паркот и Службата за итна медицинска помош, со што ќе се обезбеди пристапност и мирна околина.
– Цената за престој ќе биде регулирана од надлежното министерство, со минимален надоместок што ќе овозможи еднаков пристап за сите пензионери. Овој проект, кој е во целост изработен од општинските служби, е дел од нашата локална стратегија за унапредување на грижата за постарата популација. Како локална самоуправа, ѝ остануваме посветени на реализацијата на проекти што директно го подобруваат животот на граѓаните – нагласи Јанчев.