Катар во неделата објави дека се водат разговори со САД за „можен трансфер“ на суперлуксузниот Боинг 747-8, кој привремено ќе се користи како авион на американскиот претседател Доналд Трамп, но негираше дека авионот се „подарува“ или дека е донесена конечна одлука.

Катарското медиумско аташе Али Ал-Аснари изјави дека медиумските извештаи дека Катар и донира авион на американската влада за време на претстојната посета на Трамп на Катар се неточни, пренесе АП.

„Можното префрлање на авионот во привремена употреба како Ер Форс 1 моментално се разговара меѓу катарското Министерство за одбрана и Министерството за одбрана на САД“, рече Ал-Аснари.

Администрацијата на Трамп се подготвува да го добие, веројатно, највредниот подарок што некогаш им го дала странска влада на САД – џамбо-џет Боинг 747-8 во сопственост на катарското кралско семејство, вреден околу 400 милиони долари, објави претходно idependent.co.uk.

Авионот ќе му биде ставен на располагање на претседателот Доналд Трамп за да го користи како нов Air Force One додека не ја напушти функцијата, а потоа ќе биде префрлен на фондацијата одговорна за претседателската библиотека, пишува медиумот.

Претседателот Трамп не крие дека е уморен да чека Боинг да го произведе новиот Air Force One за да ги замени сегашните авиони, два модифицирани џамбо џетови 747-200 познати како број на моделот VC-25A, кои датираат од 1990 година. Во февруари, тој рече дека „не е задоволен“ со бавниот напредок и пречекорувањата на трошоците за новиот претседателски авион, кој беше нарачан во 2018 година, за време на неговиот прв мандат.

ИЗДВОЕНИ