Катарската воздушна одбрана успешно го спречи нападот и пресретна ирански ракети, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи на Катар, објави „Ал-Џезира“.
Државата Катар остро го осудува нападот на Иранската револуционерна гарда врз воздухопловната база Ал Удеид, изјави Маџед ал-Ансари, портпарол на катарското Министерство за надворешни работи, по нападот на Иран врз воздухопловната база во која се сместени американски трупи во Катар.
Тој додаде дека Доха го смета потегот на Иран за очигледно кршење на суверенитетот на Државата Катар, нејзиниот воздушен простор, меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации.
„Потврдуваме дека Катар го задржува правото директно да одговори на начин соодветен на природата и обемот на оваа дрска агресија, во согласност со меѓународното право“, се вели во соопштението.
„Ја уверуваме јавноста дека катарската воздушна одбрана успешно го спречи нападот и ги пресретна иранските ракети. Министерството за одбрана подоцна ќе издаде детално соопштение за околностите на нападот.“
Во соопштението се нагласува дека продолжувањето на ваквите ескалирачки воени дејствија ја поткопува безбедноста и стабилноста во регионот, вовлекувајќи го во ситуации што би можеле да имаат катастрофални последици за меѓународниот мир и безбедност.
Катар повика на итно прекинување на сите воени дејствија и сериозно враќање на преговарачката маса и дијалогот.
Понатаму, се додава, Државата Катар беше една од првите земји што предупреди за опасностите од израелска ескалација во регионот.
„Постојано повикуваме на давање приоритет на дипломатските решенија и ја нагласуваме важноста на добрососедските односи и избегнувањето на ескалација.“
Во соопштението се наведува дека Доха потврдува дека дијалогот е единствениот начин за надминување на сегашните кризи и обезбедување на безбедноста на регионот и мирот на неговите народи.
Во соопштението се нагласува дека базата Ал Удеид била евакуирана претходно, по воспоставените безбедносни и превентивни мерки, со оглед на тензиите во регионот.
„Преземени се сите потребни чекори за да се обезбеди безбедноста на персоналот во базата, вклучувајќи ги и припадниците на катарските вооружени сили, пријателските сили и други. Потврдуваме дека немало повредени или жртви во нападот.