Премиер, а не некој лидер од партиите во владината коалиција е мандатар на Владата, категорична е пораката што ја упати денеска претседателот на македонската Влада, Христијан Мицкоски. Ставот дојде откако Билал Касами, лидерот на Беса, која е дел од коалицијата „Вреди“ во владиното мнозинство, прексиноќа почна да најавува кадровски промени во Владата. Во телевизиско интервју, Касами ги наведе имињата на министрите за социјална политика, демографија и млади и за правда, Фатмир Лимани и Игор Филков, како министри чија промена е речиси извесна. Но, премиерот Мицкоски, коментирајќи ги вчера наводите на лидерот на Беса, изјави дека тој не мисли така.
– Јас сум задоволен од работата на министерот Фатмир Лимани и тој претставува додадена вредност во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Јас сум мандатар на Владата и јас ја составувам Владата, ако го заборавил некој тоа, еве, јас да го потсетам – изјави категорично Мицкоски.
Покрај коментарите на сметка на Лимани, во телевизиско интервју, лидерот на Беса изјави дека во најавената реконструкција на Владата еден од министрите што може да биде сменет е министерот за правда, Игор Филков. Тој го обвини министерот за правда дека со своите ставови на одбивање околу барањата за полагање правосуден испит и на албански јазик, се обидува да го прикрие својот неуспех во работата со етнички теми. На новинарско прашање да ги потврди ваквите наводи околу смената на Филков, премиерот Христијан Мицкоски рече: „Па не знам, можеби, треба да го прашате тоа господинот Билал Касами“.
Сличен одговор вчера даде и министерот за правда, Игор Филков.
– Кога ќе биде тој премиер, ќе кажува кој ќе биде министер, а кој не. Дотогаш владеењето на правото, односно почитувањето на Уставот и на законите ќе важи за сите – потенцира Филков.
Тој ги отфрли обвинувањата од ДУИ дека го спречува полагањето правосуден испит на албански јазик, поради што најавија и поведување кривична одговорност.
– Сметам дека националромантичарските теми се битни за оние политичари од минатиот век. Ние работиме цврсто и решително на стабилноста, просперитетот и владеењето на правото. Теми што ги интересираат и нашите граѓани. Сè друго ќе биде оставено на тажната страна на историјата – порача Филков.
Инаку, лидерот на Беса изјави дека ќе биде разгледана работата и на министерот Лимани на состанокот на партиските тела на Беса, кој е закажан за вечерва. Најавено е дека на состанокот ќе се разговара и за други кадровски прашања, но и за позиционирањето на партијата во коалицијата „Вреди“ и во Владата.
– Лично, мислам дека капацитетот на движењето Беса во „Вреди“ и во Владата е многу поголем од она што го покажавме досега. Сметам дека перформансите на раководителите што ги води движењето Беса би можеле да бидат уште подобри. Не можам да кажам дека сме целосно задоволни, бидејќи секогаш е потребна поголема посветеност од сите ресори што ги водиме. Направивме неколку анализи за силните и за слабите страни на движењето Беса во „Вреди“ и како дел од „Вреди“ во Владата. Свикавме состанок на Централното собрание за да ги разгледаме овие прашања, за да ја процениме нашата позиција во Владата и за да донесеме одлука за нашето понатамошно дејствување. Верувам дека таму сите функционери ќе известат за тоа каков е резултатот од нивното управување со институциите, а, како главно тело, меѓу двата конгреса, ќе заземеме и ставови за тоа колку сме задоволни и дали можело да биде подобро – најави Касами.
Лидерот на Беса рече дека дури и при евентуална реконструкција на Владата предлозите ќе дојдат од „Вреди“, со почитување на предлозите од субјектите што ја сочинуваат „Вреди“. Тој изјави и дека министерот за правда би можел да биде еден од министрите што ќе бидат опфатени со реконструкцијата на Владата. Коментирајќи го прашањето за барањето на студентите Албанци за полагање на правосудниот испит на албански јазик, Касами рече дека министерот Филков, со своите изјави, се обидува да го прикрие својот неуспех во работата со етнички теми.
Во изминативе месеци, во дел од медиумите се појавуваа информации за наводно незадоволство во коалицијата „Вреди“ од работата на министерот Фатмир Лимани. Нему на товар му се ставала претераната блискот со владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и неспроведувањето на партиските одлуки. Шпекулациите одеа дотаму што се наведуваше и можно преоѓање на Лимани во редовите на ВМРО-ДПМНЕ. (Б. Ѓ.)












