Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата донесе решение со кое официјално утврди постоење на картелско однесување меѓу десет осигурителни компании на македонскиот пазар.
Од институцијата информираат дека во прекршокот се инволвирани следниве друштва за осигурување: „Евроинс осигурување“, „Триглав осигурување“, „Македонија Скопје – Vienna Insurance Group“, „Сава осигурување“, „Еуролинк“, „Граце“, „Уника“, „Осигурителна полиса“, „Халк осигурување“ и „Кроација осигурување“.
Картелското однесување се однесува на сегментот осигурување од автомобилска одговорност – задолжителната полиса што секој сопственик на возило мора да ја плати при регистрацијата.
Според образложението на Комисијата, во постапката е утврдено дека осигурителните компании, во периодот од 1 март до 7 мај 2024 година, разменувале чувствителни деловни информации, координирале активности и во многу краток рок донеле идентични или меѓусебно усогласени одлуки за зголемување на делот од премијата наменет за вршење дејност, т.н. режиски додаток.
– Таквото однесување претставува ограничување на конкуренцијата по своја цел, односно најтешка форма на повреда согласно со член 7 од Законот за заштита на конкуренцијата. Размената на информации и паралелното донесување ценовни одлуки ја заменуваат независната деловна политика со колективно координирано дејствување, што е строго забрането – соопштуваат од Комисијата.
За утврдените прекршувања, изречени се глоби во вкупен износ од 17.266.930 денари.












