„Kарпошово културно лето 2025“  

269

Во жешките августовски ноќи, карпошани ќе имаат можност да се дружат и да се забавуваат со најголемите музички ѕвезди на македонската народна музика и на македонската забавна музика, со изворни песни и ора, етномузика, како и со модерни и со латинотанци. Сите овие случувања ќе бидат во рамките на „Карпошово културно лето 2025“.

Тоа ќе биде отворено на 18 август, со најубавите забавни мелодии, кои ќе бидат отпеани од легендите на македонската забавна музика, на платото кај Млечен ресторан, во 20:00 часот, а ќе трае до 29 август.

На отворањето на „Карпошово културното лето 2025“ ќе настапат: Драган Мијалковски, Зорица Поп Панкова, Сашо Гигов-Гиш, Џон Илија Апелгрин, Ана Петанковска, Тања Тас и други, во придружба на оркестарот на Радио Бубамара, под водство на Дамир Имери.

На 19 август, исто така на платото кај Млечен ресторан, во 19:00 часот, ќе се одржи ликовна работилница на Елена Галика, со млади таленти, насловена „Капка уметност“. Во 20:00 часот ќе следува концерт на „Мишел Трајковски оркестра“. На 20 август, во 20:00 часот, кај Млечен ресторан ќе се одржи концерт на изворни песни и ора на ансамблот на Стевче Стојковски „Макединство“. Наредниот ден, кај Млечен ресторан, во 20:00 часот, ќе може да се проследат настапите на академскиот хор и игроорната група на АКУД „Мирче Ацев“, со гости од Романија и од Мексико.

На 23 август, на тревникот кај кулите во Козле, до ООУ „Владо Тасевски“, во 20:00 часот, во рамките на летното кино, ќе може да се проследи филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски. Наредниот ден, повторно кај Млечен ресторан, во 20:00 часот, ќе се одржи концерт на маестро Александар Јовевски – „Од колено на колено“ (етномузика).

На 25 август, во 20:00 часот, кај Млечен ресторан, јуниорите и сениорите од танчарското студио „Денсерс јунајтед“ ќе се претстават со латинотанци и со хип-хоп. На таа локација, на 26 август, во 20:00 часот, со хип-хоп и со модерни танци ќе се претстават децата, јуниорите и сениорите од танцовото студио „Еурека“.

На 28 август, со почеток во 20:00 часот, кај црквата „Света Тројца“ во Бардовци ќе настапат легендите на македонската народна песна: Наум Петревски, Ефто Пупиновски, Благоја Груевски, Зуица Лазова, Ленче Кукиќ, Смиља Митревска, Драган Мијалковски и Горан Алачки, во придружба на Народниот оркестар на Радио Бубамара, под водство на Дамир Имери.

„Карпошово културно лето 2025“ ќе биде заокружено на 29 август, со поетско-музичката вечер „Волкот на љубовта“, со Тихомир Јанчовски и Бранислав Николов (фалтин), а гостинка ќе биде Андријана Јаневска. Настанот ќе започне во 20:00 часот, на летната сцена кај карпата на кејот на реката Вардар.

ИЗДВОЕНИ