Карпошани добија специјализиран контејнер за оставање текстил  

27

Во основното училиште „Владо Тасевски“ денеска беше промовиран еколошкиот контејнер за собирање, селектирање, рециклирање преработка и отстранување на отпаден текстил на територијата на Општина  Карпош.

Контејнерот е поставен од Друштвото за управување со отпад од текстил „Еко – текс груп“- ДОО Скопје кое, ваков тип на контејнери ќе постави во сите десет основни и сите четири градинки на територијата на оваа локална самоуправа.

Првиот човек на Општината, Стевчо Јакимовски истакна дека на овој начин, сите граѓани, ќе можат да ја оставаат својата стара и непотребна облека во овие наменски и специјализирани еколошки контејнери, наместо во класичните контејнери кои се наменети за селекција на ѓубрето кое се создава во домовите на граѓаните.

-Упатувам апел до сите Карпошани, непотребната облека, и сите текстилни материјали, кои им зафаќаат простор во домовите, а сакаат да се ослободат од нив, да ги оставаат во овие специфични и наменски контејнери, за потоа, преку рециклирање тие да имаат употребна вредност. Од друга страна, неодамна во една акција за чистење на т.н дива депонија во населеното место Злокуќани, бевме сведоци, дека огромен дел од насобраниот смет, беше токму текстилна облека од несовесни граѓани кои ја фрлиле на јавна површина – нагласи Јакимовски.

Општина Карпош и во иднина ќе работи на изнаоѓање на креативни решенија со кои ќе се унапреди соработката помеѓу локалната самоуправа и граѓаните, во подигнување на свеста за селекција и рециклирање на разни видови на отпад, со цел хигиената и чистотата на територијата на Општината да биде издигната на завидно ниво.

 

ИЗДВОЕНИ