Од Министерството за спорт кратко одговорија дека базенот до спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ (позната како „Партизан“) е во завршна фаза на техничка подготовка и проверка, по што наскоро ќе биде пуштен во употреба
Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, деновиве обвини дека базенот до салата „Партизан“ е готов, но, според него, не се пушта во употреба како резултат на инаетот на министерот за спорт, Борко Ристовски, кон децата во Карпош.
По посетата на базенот, тој го праша министерот за спорт, Борко Ристовски: „По што се поразлични децата во Карпош од оние во Кисела Вода?“
– Карпош заслужува фер третман. Децата не смеат да бидат жртви на инает и на политички игри – нагласи Јакимовски.
Во телевизиско интервју, тој му понуди на Ристовски да ги покрие сите трошоци и за базенот и за салата „Партизан“.
– Греота се овие деца. Аквапаркот е затворен, базенот „Борис Трајковски“ е затворен, овој базен е готов, но не се пушта во употреба. Еве, да дадам една понуда и да не правиме повеќе циркуси. Знам дека немаат платено ниту денар за овој базен. Општина Карпош е подготвена да ја преземе обврската, тоа е некаде околу 37 милиони денари, за исплата на базенот. И ова што е извршена реконструкција на салата и овој долг што го има Министерството – да го преземе Општина Карпош, да го исплатиме на одредени рати, да не правиме циркус, да не ги вознемируваме граѓаните и еве, да не дозволиме друга влада да си поигрува со граѓаните на Општина Карпош. Значи, нудам сите трошоци што се направени таму – да ги плати Општина Карпош – истакна Јакимовски.
Тој додаде дека станува збор за два објекта што нема да носат приходи, па поради тоа, ако не застане зад нив некој што е моќен да го поддржува нивното функционирање, тие ќе работ со загуби.
– И ред е овие објекти да бидат во рацете на Општина Карпош. Ние само ќе ги модернизираме. Како што, впрочем, сме го имале направено тоа и со сите други објекти што ни биле доверени од државата, кои многукратно сме ги унапредиле (училиштата, градинките, месните заедници, општинската зграда) – нагласи Јакимовски.
Од Министерството за спорт кратко одговорија дека базенот до спортската сала „Наум Наумовски-Борче“ (позната како „Партизан“) е во завршна фаза на техничка подготовка и проверка, по што наскоро ќе биде пуштен во употреба.
(А. П.)