Канадскиот премиер Марк Карни денес од Овалната соба во Вашингтон изјави дека „Канада не е на продажба и никогаш нема да биде“, само неколку минути откако сегашниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека границата меѓу САД и Канада е „вештачка“ и повторно фантазираше за идејата Канада да стане дел од Соединетите Американски Држави.
Трамп рече дека двајцата нема да разговараат за „анексија“ на Канада од страна на САД, освен ако, како што рече, „некој не го посака тоа“. Тој додаде дека во случај на „прекрасен брак“ меѓу двете земји, Канада ќе има „огромна корист“. Сегашниот американски претседател постојано ја споменуваше идејата јавно, и покрај тоа што канадското раководство постојано ја отфрла.
„Знаете, јас сум градежен претприемач во срцето“, им рече Трамп на новинарите. „Кога таа вештачки повлечена линија ќе се отстрани… кога ќе ја погледнете таа прекрасна формација кога е споена, јас сум многу уметнички тип“.
Карни брзо возврати, користејќи јазик за кој мислеше дека Трамп ќе го разбере: „Знаете од светот на недвижностите – има места што едноставно не се продаваат. Ние сме во едно такво во моментов. Вие бевте во Бакингемската палата. И откако разговарав со „сопствениците на Канада“ во последните неколку месеци, можам да ви кажам – Канада не е на продажба. Никогаш нема да биде. Но, можноста е во партнерството и она што можеме да го изградиме заедно“, рече Карни.
На прашањето дали ваквите отфрлања го отежнуваат заедничкото работење за трговија и други прашања, Трамп рече не, но додаде: „Но, знаете што велат – никогаш не вели никогаш“.
Ова беше првата средба меѓу Трамп и Карни откако новиот канадски премиер ја презеде функцијата. Карни претходно вети дека ќе заземе цврст став кон Вашингтон, особено во врска со трговските спорови и граничните прашања.
Трамп ја започна средбата честитајќи му на Карни за неговата победа, додавајќи: „Јас сум веројатно најдобрата работа што му се случила“. „Ќе бидеме пријатели со Канада“, рече претседателот. „Без разлика на се, ние ќе останеме пријатели“.
Кога беше прашан за царините, Трамп беше јасен дека Карни нема да чуе ништо што би довело до укинување на американските царини за канадските производи. Карни одговори дека тоа е „тема за поширока дискусија“.
Односите меѓу САД и Канада значително се влошија поради царините на Трамп и неговите изјави дека Канада треба да стане 51-ва американска држава.
Во говорот по неговата изборна победа, Карни рече дека „ерата на подлабока економска интеграција и тесна безбедносна и воена соработка со САД е завршена“ и ги повика Канаѓаните „фундаментално да го преиспитаат својот економски модел“ поради новите трговски бариери на САД.
Во интервју за Би-Би-Си минатата недела, Карни рече дека Канада ќе влезе во трговски и безбедносни разговори со администрацијата на Трамп „исклучиво според свои услови“. Лидерот на Либералната партија стана премиер во март оваа година.