Карла Бруни го испрати Саркози во затвор

552
EPA/TERESA SUAREZ

Поранешниот француски претседател Никола Саркози (70) изјави дека е невин и се збогува со сопругата Карло Бруно пред да влезе во затворот Ла Санте во Париз за да започне со отслужување на петгодишната казна.

Минатиот месец, тој беше прогласен за виновен за криминален заговор за наводно нелегално финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година со средства од Либија.

Стотици негови поддржувачи скандираа „Никола, Никола“ и ја пееја француската национална химна додека тој го напушташе својот дом и влегуваше во автомобилот што требаше да го однесе во затвор.

Така заврши неверојатниот пад на човекот што ја водеше Франција од 2007 до 2012 година, објавува Скај њуз.

На испраќањето беа присутни и синовите и ќерката на Саркози, Жан, Пјер, Луј и Џулија, како и неговите внуци.

Во пресрет на одењето во затвор, Саркози објави порака на социјалните мрежи во која го повтори своето тврдење дека е невин човек, додавајќи дека чувствува длабока тага за Франција.

„Додека се подготвувам да ги преминам ѕидовите на затворот Ла Санте, моите мисли се насочени кон францускиот народ – од сите сфери на животот и од сите верувања. Сакам да им кажам, со сета моја непоколеблива сила, дека утрово во затвор не оди поранешниот претседател на Републиката, туку невин човек. Чувствувам длабока тага за Франција, која се најде понижена од израз на одмазда што ја доведе омразата до невидено ниво. Не се сомневам, вистината ќе победи. Но, цената што треба да се плати за тоа ќе биде огромна.“

Тој ќе биде првиот поранешен француски лидер кој ќе заврши зад решетки по Втората светска војна, кога маршалот Филип Петен беше затворен поради соработка со нацистите.

Овој случај претставува посебен предизвик за француските безбедносни служби, кои сега мора да ја обезбедат безбедноста на поранешниот претседател додека е зад решетки.

ИЗДВОЕНИ