Карла Бруни, поранешната топ-модел и кантавторка, која сега е сопруга на поранешниот француски претседател Никола Саркози, застана покрај својот сопруг во четврток откако тој беше осуден на пет години затвор за заговор поврзан со Либија.
„Љубовта е одговорот“, напиша Бруни на Инстаграм со хаштагот „омразата нема да победи“.
Казната беше построга од очекуваното и прва од ваков вид во современата француска политичка историја. Саркози, кој ја водеше Франција од 2007 до 2012 година, ќе биде првиот поранешен претседател кој ќе отслужи затворска казна, дури и ако неговата жалба биде уважена – a тој веќе објави дека ќе поднесе жалба.
57-годишната Бруни застана покрај него додека 70-годишниот Саркози рече по пресудата: „Ако сакаат да спијам во затвор, ќе спијам во затвор – но со крената глава“.
Додека одеа кон автомобилот што ги носеше во нивната резиденција во луксузниот 16-ти арондисман во Париз, Бруни за момент го изгуби трпението и ja искина црвенaта навлака од микрофонот на истражувачката веб-страница Медиапарт, а потоа го фрли на подот.
Carla Bruni arrache la bonnette du micro de Mediapart à la fin du discours de Sarkozy après sa condamnation. La mauvaise… pic.twitter.com/sWrUxNkXjJ
— Nils Wilcke (@paul_denton) September 25, 2025
Истрагата против Саркози беше покрената во 2013 година, откако „Медиапарт“ објави наводен документ на либиското разузнавање од декември 2006 година, во кој се споменува договор со тогашниот либиски лидер Моамер Гадафи за финансирање на претседателската кампања на Саркози. Саркози се ожени со Бруни – неговата трета сопруга – во 2008 година, на почетокот на неговиот мандат, по кратка и бурна романса и кратко по разводот од неговата втора сопруга, Сесилија. Тој има ќерка со Карла, родена во 2011 година.
Италијанка по потекло, Бруни го донесе гламурот на шоу-бизнисот и модата во претседателската канцеларија – таа го придружуваше Саркози на државни посети, позираше во црвен фустан на покривот на Елисејската палата и ја напиша песната „Мојот Рејмонд“ за него, опишувајќи го како „пират со вратоврска“ кој никогаш не се откажува.
Иако Саркози е нејзин прв сопруг, Бруни се нарекуваше себеси „скротителка на мажи“ и имаше низа романтични врски со интелектуалци и рок-ѕвезди, вклучувајќи ги Мик Џегер и Ерик Клептон.
И покрај повеќегодишните правни проблеми, Саркози останува почитувана личност и ментор на многу политичари од француската десница – вклучувајќи го и новиот француски премиер Себастијан Ле Корнеј, кој побара совет од Саркози веднаш по неговото назначување овој месец, објавува Ројтерс.