Кардиолог со предупредување до пасионираните љубители: Еден вид сирење е најлош избор за вашето срце

57
Фото:википедија

Кога станува збор за здравјето на срцето, изборот на видот сирење игра голема улога.

Кардиологот д-р Тарикшах Саид нагласува дека е клучно да се обрне внимание на количината и видот на сирење што го консумираме, објавува Index.hr.

„Консумирањето сирење во умерени количини обично има мал ефект врз LDL холестеролот, но сирењата со висока содржина на масти можат значително да го зголемат ако се јадат прекумерно“, истакнува тој за „Парејд“ (Parade).

Главната причина за ова е неговата содржина на заситени масти, што го зголемува ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар и висок крвен притисок. Сирењата богати со заситени масти и натриум се најпроблематични.

„Преработените сирења и тврдите, полномасни сирења како чедар и пармезан имаат поголема содржина на заситени масти и сол, што може да го зголеми LDL холестеролот и крвниот притисок“, вели д-р Саид.

Најлош пример е маскарпонето, кое има 29 грама заситени масти и 44 грама вкупни масти по порција. За споредба, околу 2 унци чедар сирење содржат 23 грама заситени масти и 364 милиграми натриум, што може брзо да ги надмине дневните препораки на Американската асоцијација за срце.

Сепак, постојат и видови сирење кои се сметаат за поздрави за срцето. Д-р Саид препорачува опции со малку маснотии како моцарела, рикота и урда. На пример, половина чаша рикота има десет грама заситени масти, додека истата количина урда содржи само три грама.

Освен изборот на сирење, важно е и со што ќе го комбинирате – експертите советуваат да го јадете со овошје или интегрални житарки, што помага во контролата на порциите и подобрата нутритивна рамнотежа. Умерената консумација и внимателниот избор можат да овозможат сирењето да остане дел од исхраната без да го зголемат ризикот за срцето.

 

ИЗДВОЕНИ