Три дена пред почетокот на конклавата, надбискупот на Рабат, главниот град на Мароко, Кристобал Лопес Ромеро (72), чии идеи, погледи и ставови се слични на починатиот папа Франциск, одлучно изјави дека не се гледа себеси како нов папа.
Тој, како што пренесуваат медиумите, нагласил дека не може да се замисли во таа улога, ниту има амбиција да седне на тронот на „Свети Петар“.
„Немам апсолутно каква било амбиција. Никогаш не би можел да се замислам во таа улога. Оние кои го сакаат тоа се водени од копнеж за власт“, рече тој, пренесува италијански „Месаџеро“.
Ромеро откри дека ако во текот на конклавата процени дека постои можност да биде избран за папа, ќе избега во Сицилија.
Сепак, на крајот призна дека, доколку биде избран, не би можел да ја одбие таа служба.
„Таа служба ја прифаќате само ако ви е доделена. Но, да ја сакате, да ја барате…не“, рече тој.
Три дена пред почетокот на конклавата, в среда, и понатаму нема јасен фаворит за наследник на папата Франциск.
Кардиналите, во саботата изутрина, по деветти пат се сретнаа на општа конгрегација, вкупно беа присутни 177 кардинали, од кои 127 електори (оние кои се помлади од 80 години).
Во неделата немаше состанок, бидејќи тој ден се одржува миса, меѓутоа денеска консултациите ќе се забрзаат, затоа што општите конгрегации се одржуваат изутрина и во 17 часот.