Карахантепе, археолошки локалитет во Турција што датира од деветтиот милениум, е меѓу најатрактивните во рамките на археолошката туристичка понуда. Локалитетот е еден од најстарите во светот и се наоѓа во регионот Шанлиурфа, дом на поголемите неолитиски заедници и населби, меѓу кои и познатиот Ѓебеклитепе, кој е под заштита на УНЕСКО.

Тековната работа во Карахантепе, каде што се видливи стотици стоечки камења на површината, донесе извонредни археолошки наоди, вклучително и јавни објекти украсени со човечки и со животински статуи и монументални градби слични на оние пронајдени во Ѓебеклитепе. Беше откриена и резба на диво магаре во движење, што дополнително го нагласи историското значење на локацијата. Благодарение на ваквите извонредни откритија, Карахантепе беше избран и како еден од деветте најважни проекти за теренски ископувања и истражувања во 2023 година, на Шангајскиот археолошки форум во Кина.

Како дел од проектот „Наследство за иднината“, започнат од Министерството за култура и туризам на Турција, Карахантепе ќе добие заштита со покривна конструкција, која ќе се простира на приближно 5.000 квадратни метри. На ваков начин ќе се овозможи ископувањето и реставрацијата да се одвиваат во текот на четирите сезони во годината, но и да се зачува милениумското наследство на Карахантепе, обезбедувајќи еден од најстарите археолошки локалитети во светот да биде достапен и за идните генерации.

Турција, преку различни активности, работи на збогатување на археолошката туристичка понуда. Во 2024 година, бројот на археолошки истражувања се искачи на 765, во однос на 720 во 2023 година, и се очекува нивниот број да достигне 800 до следната година. Значителни се и инвестициите во развојот на модели за одржлив туризам и за поголема достапност на одредени археолошки знаменитости. Во таа насока беше развиен и проектот „Ноќен музеј“, кој значајно придонесе за зголемување на бројот на туристите во музеите.

ИЗДВОЕНИ