Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација, Никола Ѓоргиев, ја прекина соработката со романскиот клуб Рапид Букурешт. Како што дознава ВЕЧЕР, причина за прекинот на соработката било меѓусебното незадоволство од двете страни, како и финансиската криза на клубот. Но, како што вели нашиот најдобар одбојкар, разделбата минала во најдобар ред и двете страни останале во пријателски однос.

  • Точно така, дојде до прекин на соработката од двете стани, но пријателството меѓу нас останува. Немавме некои недоразбирања, затоа, можам да кажам дека и јас, како и клубот продолжуваме по својот пат. Едноставно, добро ми дојде оваа пауза, да поминам повеќе време со семејството и можам да кажам дека сум навистина среќен во моментов, истака Ѓоргиев за ВЕЧЕР.

Сепак, најдобриот поентер на Македонија откри дека веќе пристигаат понуди на негова адреса, а веќе одбиени се две од нив.

  • Имав неколку понуди за нов ангажман, но две од нив веќе ги одбив. Станува збор за клубови од Италија и Турција. Во моментов уживам во празничната атмосфера и не размислувам за понудите кои пристигаат. Секако, за тоа ќе одлучам во најскоро време, кога ќе пристигне онаа вистинската, порача Ѓоргиев.

Инаку, Никола Ѓоргиев има импресивна кариера зад себе. Во минатото настапуваше за клубови од Словенија, Србија, Италија, Јапонија, Полска, Турција и Германија, а во дресот на Македонија ова лето (јуни) го чека настап во рамки на Европската лига.

   (К.Т.)

ИЗДВОЕНИ