Во рамките на „Подари книга, подари свет“, на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, „Матица македонска“, од каде што и почна иницијативата за дарување книги, и „Алкалоид“, првата општествено одговорна компанија, заеднички донираа капитални дела за македонистиката на Катедрата за македонски јазик и книжевност на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана.

Во академската 1961/1962 година, во Љубљана беше отворен првиот Лекторат по македонски јазик во светот, за потоа, во академската 1984/1985 година да прерасне во Катедра за македонски јазик и книжевност, која и денес успешно функционира во рамките на Одделот за славистика. Во пресрет на јубилејот 65 години од отворањето на првиот Лекторат по македонски јазик во светот, оваа донација од „Матица“ и од „Алкалоид“ е и прва поддршка во ваков формат упатена од Македонија до љубљанската македонистичка Катедра по овој повод.

– Овие изданија не само што ќе бидат од корист за студентите што ја изучуваат македонистиката во рамките на трите циклуси на студии туку ќе бидат и поттик за нови истражувања, анализи и научни согледби и ќе ни овозможат нови перспективи за афирмација на македонскиот јазик и на вредностите на македонската книжевност и на македонската култура – истакнува, меѓу другото, раководителката на Катедрата за македонски јазик и книжевност во Љубљана, проф. д-р Намита Субиото.

Инаку, Филозофскиот факултет во Љубљана прв во некогашниот заеднички југословенски образовен систем има распишано конкурс за лектор по македонски јазик, уште во 1960 година, иако и претходно, во рамките на студиите по јужнославистика, официјално се изучувала македонистиката и на универзитетите во други земи. Академиците Блаже Конески и Харалампие Поленаковиќ, како тогашни раководители на катедрите по македонистика на Универзитетот во Скопје, до Деканатот на Филозофскиот факултет во Љубљана ја имаат испратено својата стручна оцена за кандидатот Блаже Ристовски – првиот лектор по македонски јазик, кој ја има почнато историјата на словенечката македонистика во академската 1961/1962 година. Под палката на вториот лектор, проф. д-р Драги Стефанија, инаку ученик на Блаже Конески што повеќе од три децении ја водел љубљанската македонистика, Лекторатот има прераснато во самостојна Катедра за македонски јазик и книжевност, која денес, речиси дваесет и пет години под раководство на проф. д-р Намита Субиото, се издвојува не само како прв академски македонистички центар надвор од Македонија туку и како еден од најактивните во светот.

Донацијата од „Матица македонска“ и од „Алкалод“ го вклучува речиси целото творештво на првиот лектор по македонски јазик, академик Блаже Ристовски, а опфаќа и огромен број други книги – клучни студии за македонскиот јазик и за македонската книжевност, монографии за македонската култура, избори од творештвото на дел од најзначајните македонски писатели, антологии на современата македонска поезија, проза и драма и историографска литература.

ИЗДВОЕНИ