
Како што се ближи крајот на лигашката сезона, така се погласни се коментарите околу тоа кој треба да ја освои „Златната топка“. Да потсетиме, имаше многу полемики минатата година кога Родри од Манчестер Сити ја освои оваа титула. Многумина не се согласија, посочувајќи го Винисиус Јуниор како победник.
Моментално има многу претенденти за „Златната топка“, а во текот на сезоната се зборуваше дури и за Роберт Левандовски, кој импресионираше со својата ефикасност. Сепак, тој во финишот не го задржа највисокото ниво, а покрај тоа заработи и повреда поради која, меѓу другото, го загуби првото место на листата на стрелци во Ла Лига, кое моментално е во сопственост на Килијан Мбапе.
Според експертите, во игра за „Златната топка“, меѓу другите се и: Осман Дембеле, кој стана клучна фигура во дресот на ПСЖ кој благодарение на неговите игри ја освои шампионската титула и стигна до финалето на Лигата на шампионите.
Покрај тоа, се појавија и имињата на Рафиња, чија форма, исто така, експлодираше под будното око на Ханси Флик, и Ламине Јамал, кој и покрај возраста маѓепсува на зелениот терен, без разлика кој е противникот. Не смееме да ги заборавиме фудбалерите на Интер, како Лаутаро Мартинез, кој ги доведе „нероаѕурите“ до неочекувано финале во ЛШ.
Поранешниот тренер на Милан и Реал (М), Фабио Капело, проговори за потенцијалниот освојувач на „Златната топка“. Во интервју за „Кадена Копе“, тој призна дека би гласал за двајца играчи на Реал (М) и еден играч на Барса.
„Во моментов би гласал за Ламине Јамал, тој е најдобар. Веднаш дајте му ја Златната топка“, изјави Италијанецот и додаде дека зад Јамал би ги ставил Винисиус и Мбапе од Реал.
Каталонскиот весник Спорт забележува дека “Капело им се придружува на многу фигури од светот на фудбалот кои во последните денови изјавија дека играчот на Барса заслужува да ја освои Златната топка. Неговите неверојатни натпревари против Интер и Реал (М) принудија многу херои на спортот да се предадат на новата ѕвезда на Барса”.