„Као какао“ е насловот на првиот македонски мјузикл инспириран од музиката на нашиот познат гитарист, Влатко Стефановски, во режија на Дејан Пројковски, а според текст на Венко Андоновски. Мјузиклот премиерно ќе биде изведен во мај, во продукција на „Баги комуникации“ и на Македонскиот народен театар.

Претставата би требало да вклучи 19 познати композиции од Влатко Стефановски, кои ќе бидат изведени во нови аранжмани на Бобан Мирковски.

Според продуцентот Владимир Мандичевски-Манде, идејата за проектот е од пред три години, но активностите започнале минатиот јуни. Според него, логично било да се направи мјузикл на музиката на Влатко Стефановски, затоа што станува збор за најиздржаниот и најпризнат музички опус што го имаме во современата македонска музика. Како што додава, соодветно на тежината на неговото име,

формиран е и тим од врвни професионалци со цел да се создаде еден од најзначајните културни проекти во последните децении, со потенцијал да излезе и надвор од границите на нашата држава.

Во мјузиклот глумат младите актери Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ, кои ќе ги толкуваат главните ликови Дона и Џими, а ќе учествува и поширока актерска екипа, која дополнително ќе биде избрана во текот на процесот.

За кореографијата е задолжена Олга Панго, костимограф е Марија Пупучевска, сценографијата е на Валентин Светозарев. Вокален ментор е Ана Костадиновска, а дизајнерот Марко Мандичевски создаде визуелна приказна од пеперутка направена од гитарски жици, која ја симболизира трансформацијата на еден млад уметник со желба за успех.

Самиот Стефановски посочува дека драмскиот текст силно го допрел уште при првото читање, го насмеал, но и го расплакал.

Андоновски, пак, истакнува дека неговата генерација имала среќа да расте со светски гитарист од Тафталиџе, кој, за него, е „човек епоха“. Вели, самото пишување било лесно и течело природно, бидејќи и музиката и гитарата на Стефановски говорат.

За режисерот Пројковски, проектот е и предизвик и голема чест, а желбата е да се создаде оригинален, автентичен македонски мјузикл.

Инаку, поддршката од „Баги комуникации“, според Маја Бабиќ, е уште од најраната фаза, кога бил проектот само идеја на хартија.

Актерите Катерина Јовановиќ и Владимир Петровиќ го оценуваат проектот како најголем предизвик во својата досегашна кариера и велат, чест е да се пеат песните на Влатко Стефановски на сцена.

ИЗДВОЕНИ