– Оваа година, не ја водиме публиката на филмско патување, туку низ премин. Типично за Дејвид Линч, кому му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачко, убаво и контрастно. Тој премин, и покрај сè, е богат со најновите и најнаградувани филмови – вели Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“, најавувајќи го 24. издание на Фестивалот на европски филм, кое ќе се одржи од 3 до 10 декември, во МКЦ и во Кинотеката на Македонија

Со проекција на филмот „Тоа беше само несреќа“ (It Was Just an Accident) на иранскиот режисер и дисидент Џафар Панахи, добитник на наградата „Златна палма“ на годинашниот Кански фестивал, на 3 декември во 20:00 часот, во киното „Фросина“ ќе биде отворено 24. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Во филмот, мала несреќа предизвикува верижна реакција на постојано растечки проблеми. Дејството го следи Егбал, кој една вечер на патот удира и убива куче, а штетата на неговиот автомобил го води до гаража каде што го среќава човекот за кого верува дека го мачел во затвор.

Осум селекции, повеќе од 60 филма, кои ја обележуваат тековната европската филмска година, режисерот Дејвид Линч и работилницата „Маркетинг на филм“ ќе го означат годинашниот „Синедејс“, кој ќе се одржи под слоганот „Се гледаме од другата страна“, од 3 до 10 декември, во Младинскиот културен центар и во Кинотеката на Македонија.

– Оваа година, не ја водиме публиката на филмско патување, туку низ премин. Типично за Дејвид Линч, кому му го посветуваме ова издание, надреално, сонувачко, убаво и контрастно. Тој премин, и покрај сè, е богат со најновите и најнаградувани филмови. Свесни сме дека во земја како Македонија, со мало продукциско влијание, филмот се докажа како најголем амбасадор и за да може да виреат такви креативни луѓе, и на така префинетата публика должни сме да ѝ го дадеме најдоброто што знаеме да го правиме, а тоа е фестивал пред сè – вели Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“.

На почетокот од фестивалот, покрај „Тоа беше само несреќа” на Панахи, ќе има проекција и на „Човек лавина“ на Слободанка Рудин, филм за еден од најдобрите музичари и тапанари во поранешна Југославија, Драгољуб Ѓуриќиќ.

„Татко, мајка, сестра, брат“

– Ова издание на „Синедејс“ ги носи и „Тајниот агент“ на Мендонса Фило, „Домот на младата мајка“ на браќата Дарден, двата номинирани за „Златна палма“, како и „Татко, мајка, сестра, брат“ на Џим Џармуш, кој е добитник на „Златен лав“ во Венеција и кој досега не е прикажан во кината во Европа. Потоа тука се филмовите во кои македонските филмски екипи се копродуценти, како „Оче наш“ на Горан Станковиќ, „Ера“ на Парта Келменди, „Павилјон“ на Дино Мустафиќ… А ќе гледаме и филмови на Сорентино, Парк Чан-Вок. Особено сме благодарни што годинава и фестивалот „Македокс“ ни се придружува со своја селекција, со негови победници. Многу гости, музика и филмски завршеток на годинава за МКЦ – најавува Арсова.

Селектор на програмата на 24. „Синедејс“ е Бернд Будер. И годинава филмовите ќе бидат распределени во повеќе селекции: официјална селекција, гала-програма, МК во ЕУ, МК-премиери на кратки филмови, музички документарци, СEE-програма, селекција на Дејвид Линч и на „Македокс“.

Жири-комисијата во состав Сара Климовска – актерка од Македонија, Арсен Оремовиќ – режисер од Хрватска и Алеш Павлин – режисер од Словенија ќе одлучува за филмовите во oфицијалната конкуренција, а Ана Опачиќ – режисерка од Хрватска, Фатос Бериша – режисер од Албанија и Јасмина Карајловиќ – продуцентка од Црна Гора за филмовите во СЕЕ-програмата.

На 4 и 5 декември, во клубот МКЦ, во рамките на вечерите „Синемјузик“, ќе има специјална селекција од десетина млади европски бендови, поддржани од програмата „Лајвјуроп“, а влезот за концертите ќе биде бесплатен.

Фестивалот, во најголем дел, е поддржан од Агенцијата за филм, а други финансиски покровители се Град Скопје, Делегацијата на ЕУ преку програмата за поддршка на европски филмски фестивали, како и мрежата „Лајвјуроп“. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ