КАНДИДАТУРИТЕ ЗА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ СО САМО ДВА ПОТПИСА ДОБИЈА АМИН ОД УСТАВНИТЕ СУДИИ

80

Државната изборна комисија добро ја спровела нашата одлука кога донела правилник со кој се предвидува граѓанските кандидати со само два потписа да може да учествуваат на локалните избори, изјави денеска претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. На прес-конференцијата по одржаната редовна седница, тој ја објасни одлуката на уставните судии со која не беа поведени постапки по двете иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот на ДИК. Познато е, откако во македонското Собрание не беа донесени нови законски решенија со кои ќе се заменеа укинатите одредби од Изборниот законик, кои предвидуваа услов за собирање потписи од еден процент од запишаните избирачи, ДИК донесе своја одлука. Со неа, во Правилникот се определи граѓанските кандидати да собираат само по два потписа за градоначалничките и за советничките кандидатури.

– Тоа беше исправно толкување на нашата одлука во ситуација кога оставил законодавецот правна празнина и не донел ново решение. ДИК била должна да донесе таков правилник пред изборите, не само поради преостанатите одредби во Изборниот законик туку и поради уставното право на граѓаните да учествуваат во изборните дејства. Со тоа е задоволен и Уставот, и законот и нашата уставна одлука – потенцира Костадиновски.

Тој не криеше дека нивната вчерашна одлука била донесена со мнозинство гласови на судиите, по „плодна, конструктивна и остра дискусија“.

Костадиновски додаде дека може да служи овој случај за пример што може да се случи кога ќе остави законодавецот празнина во законот.

– Законодавецот имал обврска да ја пополни правната празнина, но ако одлучи да не ја пополни, тоа може да се толкува и како став да се оди со многу либерално решение во однос на условите за кандидирање, без да има ограничување. И нашата одлука за укинување на претходниот услов беше со дикција до максимум да се либерализира учеството на кандидатите. Односно, дека одлуката на ДИК за два потписа е фактички имплементација на нашата одлука, која е задолжителна – нагласи претседателот на Уставниот суд.

Подносители на иницијативата до Уставниот суд се Здружението „Светски македонски конгрес“ од Скопје, застапувано од претседателот Тодор Петров и Стевче Стојанов. Во иницијативата се оспоруваше Правилникот за регулирање на постапката за собирање потписи за поддршка на кандидатските листи поднесени од група избирачи, донесен од Државната изборна комисија. Според наведеното во иницијативата, во точка 4 од Правилникот, Државната изборна комисија уредила норма за поддршка на кандидатска листа за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник поднесена од група избирачи, која треба да биде потпишана од најмалку двајца избирачи и со тоа уредување ДИК излегла надвор од законските рамки и се ставила во улога на законодавец. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ