Кандидатите на претстојните локални избори ќе можат да се рекламираат на 329 медиуми

14

Од пристигнатите 352 барања за упис во регистерот на радиодифузери, печатени медиуми, електронски медиуми, интернет портали за изборите за Локалните избори за 2025, Државната изборна комисија (ДИК) позитивно одговори на 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатени медиуми и 246 интернет портали.

Средствата што ќе се потрошат за платено политичко рекламирање за медиумите изнесуваат 66 проценти од буџетот на ДИК за локалните избори, односно 397.763.000 денари (околу 6,5 милиони евра) од вкупно 600.489.000 денари (околу 9,76 милиони евра).

„Пристигнаа 352 барања за упис во регистарот, а до ДИК беа доставени вкупно 399 ценовници за платено политичко рекламирање. Врз основа на обработената документација, запишани се 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатени медиуми и 246 интернет портали. Барањата на 22 правни лица – две телевизии, пет радиостаници, еден печатен медиум и 15 интернет портали – се отфрлени како неуредни, односно ненавремени и некомплетни. Дополнително, беа доставени и два ценовници без барање и тековна состојба, поради што истите се отфрлени како некомплетни“, изјави на седница членката на ДИК, Светлана Карапетрова.

Комисијата го изгласа и решението за упис во регистарот на медиумите што ќе учествуваат во кампањата за локалните избори 2025 година.

Првиот круг на изборите ќе се одржи на 19 октомври, а вториот на 2 ноември.

ИЗДВОЕНИ