Кандидатите и лидерите го трчаат последниот круг од предизборната кампања: Фотофиниш со високи влогови – кој ќе ја освои довербата, а кој ќе се сопне?

135

На една недела до гласањето, а 5 дена до изборниот молк пред локалните избори, кампањата сè повеќе се води не само со локални ветувања, туку и со пораки кои имаат јасна национална димензија – од судски реформи до геополитички позиции, а со тоа овие избори добиваат тежина далеку поголема од избор на градоначалници и советници. Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ветува нова политичка ера базирана на „работа, чест и резултати“, додека лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче предупредува на, како што вели, обидите на власта да го зароби системот и да ја оддалечи државата од европскиот пат

 

 

На само една седмица до локалните избори закажани за следната недела, на 19 октомври, предизборната кампања влегува во својата завршна, најинтензивна фаза. Политичките партии, коалиции и независни кандидати ги мобилизираат сите ресурси на терен, претставувајќи ги своите програми, кандидати и визии пред граѓаните, додека лидерите на најголемите политички субјекти го креваат нивото на политичка дебата, вклучувајќи и национални прашања, реформски предлози и остри критики кон противниците. Во фокусот на јавноста се митинзите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, каде што премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ги адресираат своите визии за иднината, но и отворено се судираат околу теми како судството, реформите, односите со соседите, економската состојба и политичката одговорност. Додека Мицкоски ветува нова политичка ера базирана на „работа, чест и резултати“, Филипче предупредува на, како што вели, обидите на власта да го зароби системот и да ја оддалечи државата од европскиот пат.

Од народниот митинг во Прилеп, Мицкоски во својот говор се осврна и на националните теми на францускиот предлог и договорот со Бугарија и истакна  дека политиката на СДСМ во однос на прашањата со соседите е чиста капитулација, а ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи предавства и потценување на државата.

– Одговорно тврдам дека политиката на СДСМ во однос на прашањата со соседите беше чиста капитулација и тоа во некои случаи е директно поврзана со корупција на високи функционери, но ќе дојде време и за тоа ќе зборуваме повеќе. Консензус со СДСМ за прашањето за Бугарија е исто како да имаш консензус со крадец на банки да отвориш банка. Додека нема јасен план со јасни гаранции со кои ќе се врзат рацете на секој што сака да направи предавство и сега и во иднина нема шанси за разговор на оваа тема, рече Мицкоски.

Тој истакна дека „главна понуда на СДС на овие избори е црна кампања и трикови“.

– А уште поголем страв им причинува фактот што ќе дојде ден кога ниту обвинителството ниту ова распарчено судство кое Венко вели дека е професионално, ќе може да ги брани и заштитува. И правда ќе има. И само така Македонија ќе може да победи, нагласи Мицкоски на митингот во Крушево.

На митингот во Кривогаштани, пак, Мицкоски рече дека СДСМ се претвори во едно обично гранапче, кое служи да ги штити интересите на една фамилија. На митинзите изминатиот викенд, Мицкоски порача дека доаѓа време на пресврт, време кога зборовите ќе донесат резултати и кога ветувањата ќе се мерат со дела, а политиката со подвизи.

– Ние не дојдовме во Владата за да бараме изговори и да уживаме во неа. Дојдовме да ја исправиме неправдата, да ја исчистиме корупцијата и да ја вратиме државата во рацете на народот, порача премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп.

Според премиерот, Македонија има сериозен проблем со испораката на правдата, а клучот на сите заглавени обвиненија седи на две адреси со заеднички господар. Судството и обвинителството се во канџите на политиката, и тоа мора да се ослободи, рече Мицкоски во обраќањето на централната прослава по повод 11 Октомври. Тој порача дека мора да има правда и дека секој што се огрешил пред законот, мора да одговара. Ресетирањето на системот, како што рече, нема да значи реваншизам, ниту поделба на „наши“ и „ваши“.

– Мора да нè има и мора да победиме со градење систем во кој мора да веруваме и што ќе го оставиме на чесни професионални луѓе, истакна Мицкоски.

Лидерот на СДСМ, пак, Венко Филипче, возврати дека за Мицкоски „ресетирање на системот“ е да постави свои судии и обвинители. На граѓанска трибина во Тетово, тој ѝ порача на власта дека таа ја спречува реформата на судскиот систем.

– Власта е нервозна затоа што е свесна за неуспехот од неподнесувањето на ниту еден закон во Собранието. Оваа власт е свесна за своите неуспеси, и затоа сите се многу нервозни. Бидејќи нема со што да се пофалат, единствено нешто им остануваат се само спиновите. Го слушам Мицкоски, на митинзите зборува за некакво „ресетирање на системот“, а всушност, тој е тој што само бара изговори да не ја спроведе вистинска реформата во судството. Од авион се гледа дека оваа влада свесно го кочи реформскиот процес. Единствената цел на премиерот е да поставува свои судии и обвинители и затоа ниту еден реформски закон не е поднесен во собранието, рече Филипче.

Во своето обраќање Филипче се осврна на историската улога и на вредносниот континуитет на СДСМ, како партија што ги негува темелите на државноста, еднаквоста и борбата за слобода.

– СДСМ е наследник на највозвишениот идеал за Македонија, на борбата за слобода, рамноправност и достоинство. Нашите корени се во АСНОМ, во генерациите што ја поставија темелната вредност – државата да биде дом за сите. СДСМ не е само политичка партија, туку вредносно и историско движење кое е длабоко вкоренето во антифашистичката борба, солидарноста и стремежот кон праведно општество, рече Филипче.

Тој упати критика и за економските и социјалните политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека младите си заминуваат, како што вели, поради ниски плати, сиромаштија и целосна нефункционалност на институциите.

За вчера беа најавени митинзи и директни средби во повеќе општини низ државата. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата на агендата имаа претставување на своите кандидати во Чучер-Сандево, Свети Николе и Штип, додека СДСМ имаше најавено активности во Ново Село, Босилово, Василево, Радовиш и во Струмица. Кампањата официјално завршува в петок на полноќ, по што следува изборниот молк пред гласањето в недела. Вториот круг е закажан за 2 ноември.

ИЗДВОЕНИ