Големиот број новини што ги воведе педесетгодишниот маестро Јаник Незет-Сегин, кој првпат диригираше на Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија, неговиот изглед (речиси златно бојосаната коса и лакираните нокти), неговиот непосреден стил, шармот, односот кон публиката и кон музичарите од оркестарот позитивно ја изненадија “уштирканата“ и богата публика дојдена од целиот свет за да проследи еден од најреномираните и најпрестижни концерти. Таа го награди со долг аплауз и со стоечки овации
Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија, кој традиционално се одржува на 1 јануари, во Златната сала на „Музикферајн“, а годинава предводен од канадскиот диригент Јаник Незет-Сегин, ги воодушеви сите, и оние што присуствуваа на концертот, но и милионската публика што го следеше преку телевизија.
Големиот број новини што ги воведе педесетгодишниот маестро Незет-Сегин, кој првпат диригираше на концертот, неговиот изглед (речиси златно бојосаната коса и лакираните нокти), неговиот непосреден стил, шармот, односот кон публиката и кон музичарите од оркестарот позитивно ја изненадија „уштирканата“ и богата публика дојдена од целиот свет за да проследи еден од најреномираните и најпрестижни концерти. Таа го награди со стоечки овации.

При исполнувањето на познатиот „Радецки марш“, кој задолжително се свири на крајот од Виенскиот новогодишен концерт, маестро Незет-Сегин се симна меѓу публиката и диригирајќи ѝ – ја крена на нозе. Досега никој од неговите претходници диригенти на овој празничен концерт не го направил тоа.
Воедно, канадскиот диригент, кој претходно има изјавено дека е за отвореност кон современите музички трендови и дека се залага за разновидност, го отстрани диригентскиот подиум и свиреше со музичарите од Виенската филхармонија од истото ниво.
Според Виенскиот филхармониски оркестар, било најавен уште на 1 јануари 2025 година дека Незет-Сегин ќе го води изданието во 2026 година. Во духот на концертот, кој е без постојан диригент и чиј правец го избираат музичарите, и Јаник Незет-Сеген водеше програма во која семејството Штраус, секако, го задржа своето централно место, со Јохан Штраус Помладиот, но и со Јохан Штраус Постариот, Јозеф и Едуард Штраус.

Инаку, програмата на концертот го следеше очекуваниот церемонијален образец: по наизменичното менување на увертирите, галопите и полките, заврши со задолжителните „Синиот Дунав“ од Јохан Штраус Помладиот, а потоа и „Радецки марш“ од Јохан Штраус Постариот.
Програмата содржеше и шест дела што никогаш порано не биле изведени на Новогодишниот концерт, од кои две компонирани од жени. Репертоарот ги вклучуваше „Le Chant des sirènes“ од Јозефине Вајнлих и „Виножито валцер“ од Флоренс Прајс, обете презентирани во аранжмани од Волфганг Дернер, што е реткост, бидејќи изборот на композитори е претежно машки.
Селекцијата, исто така, го прошири вообичаениот виенски опсег со данскиот композитор Ханс Кристијан Лумбие, чиј „Копенхашки железнички галоп“ донесе поинаков вкус на австриските валцери. Од страната на „првпат“, вечерта, меѓу другите, ги вклучуваше и „Дунавски легенди“ од Карл Михаел Цирер, „Малапу Галоп“ од Јозеф Ланер, „Браустеуфелхен“ од Едуард Штраус и, меѓу бисовите, „Циркус“ од Филип Фарбах Помладиот, потврдувајќи ја желбата за менување помеѓу големите класици и откритија без да се прекине духот на Нова година во Виена.

Празнично украсена со прекрасни цветни аранжмани, концертната Златна сала во Виена, една од најзначајните во светот, по секоја изведба ечеше од долги и бурни аплаузи. A Незет-Сегин, кој успешно соработува со Виенската филхармонија веќе 15 години и кој реши со своите револуционерни потези да заобиколи дел од претходните стандарди, се обиде и успеа да го направи посовремен речиси деветдеценискиот Новогодишен концерт. И што е најважно, беше одлично прифатен.
Руски диригент за следна виенска музичка магија

Виенската филхармонија го покани рускиот диригент Туган Сокиев да диригира на Новогодишниот концерт во 2027 година. Уметничката соработка на оркестарот со Туган Сокиев започна во 2009 г., во текот на азиската турнеја во Сеул. Потоа следуваа заеднички настапи на концерти во Виена и во многу други градови во светот. Во 2025 г., тој првпат диригираше на Летниот ноќен концерт на Виенската филхармонија, како и на гала-концертот по повод 200-годишнината од Јохан Штраус Помладиот. Туган Сокиев е, исто така, баран оперски диригент. Од 2014 до 2022 година беше музички директор и главен диригент на Бољшој театарот во Москва. Сепак, поднел оставка од функцијата музички директор на Бољшој во 2022 година, кога наредил Путин инвазија врз Украина. Исто така, поднел оставка и од функцијата музички директор на Националниот оркестар на Капитол во Тулуз откако бил притиснат од француските медиуми да даде изјава за Русија.
Сокиев се појави и во многу други водечки оперски куќи во светот, како што се операта „Метрополитен“ во Њујорк и Виенската државна опера.
Инаку, активно е вклучен во Академијата на Виенскиот филхармониски оркестар, а во 2016 година ја основа својата сопствена диригентска академија во Тулуз.
Директорот на Виенската филхармонија, Даниел Фрошауер, по повод оваа покана посочи: „Туган Сокиев е близок музички и личен пријател на нашиот оркестар од 2009 година. Нашите први заеднички настапи брзо поттикнаа силно чувство на меѓусебна музичка доверба и разбирање, кое оттогаш постојано се продлабочува и развива. Со големо очекување ги очекуваме нашите идни проекти и претстојниот Новогодишен концерт.“
Фото: Виенска филхармонија








![[Интервју] Тамара Котевска: Приказните за Македонија допрва ќе се раскажуваат!](https://www.vecer.press/wp-content/uploads/2025/12/nas-1-218x150.jpg)



