Поранешниот канадски олимписец во сноубординг, Рајан Вединг, кој е во бегство поради водење на меѓународен синџир за трговија со дрога, се соочува со нови обвиненија за убиство на федерален сведок, изјави американската државна обвинителка Пам Бонди. Уште десет лица се уапсени во федерално обвинение поднесено во Калифорнија, во кое Вединг се обвинува за организирање на убиството на сведок во Колумбија во јануари за да се спречи неговата екстрадиција во Соединетите Американски Држави.
Властите на САД сега нудат до 15 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење на Вединг, кој е на листата на десетте најбарани лица на ФБИ. Се верува дека живее во Мексико под заштита на картелот Синалоа, со кој истражителите велат дека тесно соработува за шверцување големи количини дрога во Канада и САД.
- Без разлика дали сте уличен дилер или меѓународен нарко-бос, ние доаѓаме по вас. Ќе ве најдеме и ќе бидете одговорни за вашите злосторства, порача Бонди.
Вединг, познат и по прекарите „Ел Хефе“, „Непријател на државата“ и „Џејмс Конрад Кинг“, беше обвинет во 2024 година за водење картел кој шверцува околу 60 тони кокаин годишно користејќи камиони на долги релации помеѓу Колумбија, Мексико, Јужна Калифорнија и Канада.
Според обвинителите, Вединг и неговите соработници објавиле фотографија од сведокот на канадската веб-страница „The Dirty News“ со цел да го идентификуваат и убијат. Потоа жртвата била следена до ресторан во Меделин, каде што била застрелана во главата во јануари.
- Вединг понудил награда за главата на жртвата, погрешно верувајќи дека смртта на сведокот ќе доведе до запирање на постапката и ќе ја спречи неговата екстрадиција во Соединетите Држави. Тој се зафркнал, додаде Бил Есили, главен федерален обвинител за Јужниот округ на Калифорнија.
Соединетите Држави нудат награди до два милиони долари за информации за други лица вклучени во убиството на сведокот.











