Западната канадска покраина Манитоба прогласи вонредна состојба поради големи пожари, а на повеќе од 17.000 луѓе им е наредено да се евакуираат, соопштија властите.
Премиерот на Манитоба, Ваб Кину, рече дека тоа е најголемата евакуација во модерната историја на таа покраина и дека побарал помош од федералните власти и канадската војска за преместување на населението и гаснење на пожарот, пишува „Гардијан“.
-За првпат имаме пожари во сите региони. Тоа е знак на климатски промени на кои ќе мора да се прилагодиме, предупреди ремиерот.
Ова се смета за најлош почеток на сезоната на шумски пожари во Канада во последните години. Пламените јазици достигнаа висина од повеќе од 35 метри во некои делови од областа, а поради густиот чад и брзото ширење на огнот, на пожарникарите им е тешко да го изгаснат.
Најкритична е ситуацијата во малото рударско гратче Флин Флон, именувано по измислен лик во роман од 1905 година, каде 5.000 жители се повикани да бидат подготвени за итна евакуација. На жителите на неколку други оддалечени градови и домородни заедници им е кажано да заминат. Се очекува повеќето од евакуираните да бидат префрлени со авион во Винипег, главниот град на Манитоба. Единствениот автопат од Флин Флон што е сè уште отворен е преоптоварен со сообраќај, а локалните бензински пумпи останаа без бензин.
Во моментов има 22 активни пожари во покраината, додека 134 се регистрирани низ цела Канада, од кои половина се надвор од контрола. Гори и во Британска Колумбија, Алберта, Саскачеван, Манитоба и Онтарио.
Според локалните власти, еден пожарникар е сериозно повреден, а две лица загинаа претходно овој месец во пожар во Лак ду Бонет, североисточно од Винипег.
Според противпожарната служба на покраината Манитоба доживува највисоко ниво на пожарна активност во цела Канада од почетокот на годината поради подолгиот период на суво и топло време. Речиси 200.000 хектари шума изгореа само минатиот месец, што е трипати повеќе од годишниот просек во последните пет години, изјави Кирстин Хејвард од Службата за шумски пожари во Манитоба.
-Манитоба имаше најголема пожарна активност во Канада оваа година, делумно поради подолгиот период на топли и суви услови, рече таа.
Климатските промени го зголемија влијанието на екстремните временски настани во земјата.