Канада планира да ја признае Палестина во Обединетите нации (ОН) во септември, објави канадскиот премиер Марк Карни. Израел остро ја осуди промената на политиката на Канада.
„Канада има намера да ја признае државата Палестина на 80-тата сесија на Генералното собрание на ОН во септември 2025 година“, рече Карни на прес-конференција во Отава, истакнувајќи дека „нивото на човечко страдање во Појасот Газа е неподносливо“.
Одлуката на Канада беше под влијание на „долгогодишното“ верување во корист на решение со две држави за ставање крај на деценискиот израелско-палестински конфликт, рече премиерот.
„Оваа можност за решение со две држави се урива пред нашите очи“, рече Марк Карни.
Тој додаде дека намерата на Канада „се заснова на подготвеноста на Палестинската самоуправа да спроведе суштински реформи“.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави „храбрата“ одлука на Канада, „во критичен историски момент за спасување на решението за две држави“.
Израел ја осуди „искривената кампања на меѓународен притисок“ што „ја зацврстува позицијата на Хамас на преговарачката маса во критичен момент“, соопшти израелската амбасада во Отава.
Вчера пак, премиерот на Малта Роберт Абела, објави дека и таа земја ќе ја признае државата Палестина за време на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) во септември.
„Ставот на нашата земја ја одразува нашата посветеност на наоѓање решенија во корист на траен мир на Блискиот Исток“, напиша Абела во објава на Фејсбук во вторник вечерта.
Објавата на Абела дојде само неколку часа по слична изјава на британскиот премиер Кир Стармер и неколку дена откако Франција ги откри своите планови за признавање на Палестинската држава.