Aнализа на Дигиталниот форензички центар (ДФЦ) покажува како методолошки се совпаѓаат операциите што се користеа против Молдавија пред изборите оваа година со моделот што се гледа во земјите од регионот, особено во фазите важни за интеграцијата во ЕУ и во НАТО и се предупредува дека Црна Гора, поради последната фаза од интеграцијата во ЕУ и претстојните избори во 2027 година, станува потенцијална следна цел на координирани руски хибридни активности
Анализа на Дигиталниот форензички центар (ДФЦ) го разоткрива инфраструктурниот модел на руските хибридни операции на Западен Балкан, во кој Србија е регионален центар за обука, логистика и пропаганда. Таа анализа покажува како методолошки се совпаѓаат операциите што се користеа против Молдавија пред изборите оваа година со моделот што се гледа во земјите од регионот, особено во фазите важни за интеграцијата во ЕУ и во НАТО и се предупредува дека Црна Гора, поради последната фаза од интеграцијата во ЕУ и претстојните избори во 2027 година, станува потенцијална следна цел на координирани руски хибридни активности.
Авторите на анализата посочуваат дека се методолошки идентични руските хибридни активности во Молдавија, пред изборите во септември 2025 година, со оние во Црна Гора во 2016 година. Клучниот центар за дестабилизација на Молдавија бил во Србија. Според податоците од истрагата, руските безбедносни служби воспоставиле специјален камп за обука за молдавски и за романски граѓани во близина на Лозница, под маската на религиозно поклонение. Инструкторите, Руси и Белоруси поврзани со воено- разузнавачката служба ГРУ, се ротираат низ Србија на секои 30 дена, подучувајќи на тактики на улични немири, пробивање на полициските кордони и употреба на оружје. Тактиките на насилните протести и специјалните средства се идентични со оние опишани во обвинението на Специјалното државно обвинителство на Црна Гора во случајот познат како државен удар од 2016 година.
Во двата случаи, Србија служеше како главен центар за параразузнавачките активности на руското воено разузнавање – ГРУ. Во 2016 година, Црна Гора беше на прагот на приклучување кон НАТО, а изборите во Молдавија во 2025 година беа клучни за идната интеграција на таа земја во ЕУ.
Уште една сличност меѓу молдавското и српското сценарио со она во Црна Гора е во улогата на свештениците во ширењето пропаганда против ЕУ, што се наведува како клучно. Се потсетува дека Српската православна црква отворено ги поддржувала проруските протести од 2014 до 2016 година, во Подгорица.
Студијата го споменува и руското влијание врз студентските и граѓанските протести во Србија, по падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад. Такво влијание се врши и преку воените ветерани, кои се присутни на сите собири и се одговорни за воведувањето на руската воена иконографија на протестите. Знамето на Православната армија, т.е. битката за Куликово и еден од симболите на руската агресија против Украина, е присутно на граѓанските протести во Србија. Исто така се користат голем број јутјуб-канали како платформа за промовирање алтернативна визија за Србија во која ЕУ и Западот се претставени како клучни закани за националниот идентитет, суверенитетот и за традиционалните вредности, а Русија и алтернативните сојузи се претставуваат како природни и посакувани столбови на иднината на Србија.
– Инфраструктурата за дестабилизација на регионот веќе постои. Зголеменото присуство на проруските структури, СПЦ, медиумите и социјалните мрежи укажува дека Кремљ се подготвува да дејствува во согласност со геополитичкиот момент и со исходот од санкциите на НИС. Бројот на руски дипломати во Србија се зголеми од 54 пред агресијата на 68 до средината на 2025 година. Повеќето од новодојдените дипломати беа протерани од земјите на ЕУ по руската агресија врз Украина. Исто така, во периодот од 2022 до 2025 година, околу 200 руски државјани добија српско државјанство, меѓу кои и блиски сојузници на рускиот претседател, Владимир Путин, стои во анализата.
Во Црна Гора, именувањето на Александар Лукашиќ за амбасадор на Русија е, исто така, индикативно. Во периодот од 2016 до 2022 година, пред агресијата врз Украина, тој беше вршител на должноста амбасадор во руската Амбасада во Киев.
Како повеќеслоен безбедносен ризик за регионот се наведува феноменот на заминување волонтери од земјите од Западен Балкан на украинското бојно поле, каде што им се приклучуваат на руските сили. Во централна Русија постои регрутен центар наречен Центар на руски патриоти, кој служи за логистичка и за идеолошка мобилизација на волонтерите од Западен Балкан.












