Политичките партии и кандидатите за градоначалници и советници на претстојните локални избори почнаа да ги соопштуваат последните адути, аргументи и ветувања. На пет дена до крајот на официјалната кампања, чиј дваесетдневен период завршува в петок на полноќ, тие стануваат сè пожестоки и во обидите да ги дисквалификуваат своите противкандидати, употребувајќи сè потешки зборови, па дури и отворени навреди. На удар се најчесто оние што се сметаат за главни противкандидати во изборната трка. И со ова само се заокружува кампањата за која аналитичарите уште од почеток оценија дека ќе биде валкана и црна. По ова станува неизвесно како ќе реагираат гласачите на тоа, на првиот круг од гласањето закажан за 19 октомври, но и на вториот круг, најавен за 2 ноември.
Најголемите ривали во изборната трка – владејчаката ВМРО-ДПМНЕ и опозицискиот СДСМ продолжија да си разменуваат жестоки удари, но и коалициите „Вреди“ и НАИ предводена од ДУИ. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на синоќешниот коалициски партиски митинг во Штип, му порача на лидерот на опозициските социјалдемократи, Венко Филипче, дека е оставен „да потоне сам“. Тој потенцира дека Филипче, во улогата што ја игра во СДСМ, е многу осамен и дека никој не му верува.
– Да бидам искрен, човек да не му е во кожата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Тој е осамен во таа улога, дури ни неговите пратеници од СДСМ не го поддржуваат, не му доаѓаат на митинзите. Сам се препотува и жилави, затоа што ни тие не му веруваат во работите што ги кажува и го оставаат сам да потоне. И навистина, човекот не може да ги убеди ни своите пратеници да го поддржат, а не па народ да го гласа на следните избори – рече Мицкоски.
На собирот во Свети Николе, пак, тој се осврна на правосудниот систем, при што рече дека двата процента доверба во системот се последица на неказнет криминал.
– Но, и на сознанието дека повеќе од 100 пријави се во фиоките на судиите и на обвинителите, кои, пак, ѝ служат на претходната влада на СДСМ и ДУИ. Тие малкумина се нивни лакеи и измеќари, кои сè уште ѝ служат на претходната влада на СДСМ и ДУИ. Секој од вас знае дека луѓето од опозицијата што се нудат за алтернатива се луѓе што со години ја упропастуваа Македонија и ја држеа силно закована на дното. Луѓе што не изградија ништо за народот, а за себеси си обезбедија привилегии, удопства, дворци, хациенди и замоци. Она што ги мачи сега е чувството и сознанието дека се ближи времето на одговорност и дека се стега обрачот и околу нив и околу оние што упорно ги штитат – нагласи Мицкоски.
Тој додаде дека СДСМ стигнал да прави пактови со други опозициски партии.
– Ова се избори на кои има две опции, едната полуформална коалиција што обединува три политички субјекти, собрани на едно место и водени од две клучни цели. Првата цел е жедта за власт по која било цена и втората е патолошката омраза што ја имаат кон ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е коалицијата СДС-ДУИ и Левица. Таму се здружиле Венко, Али и Димче, затоа што се жедни за власт и не избираат начин како да дојдат до власт. Втората опција е коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Изминатите 15 месеци, решаваме проблеми што беа наталожени со децении – нагласи тој.
За ваквите квалификации, Венко Филипче, на предизборниот митинг во Струмица, го нарече Мицкоски „човек без компас и без човечност“.
– Година и пол, премиерот Мицкоски ги води Владата и државата без компас и без човечност, Македонија не може да ја води човек што не верува во луѓето, човек што мисли дека државата се води со навредување, пресметки и ароганција. Човек што не поднесува критика и затоа секојдневно понижува, напаѓа и навредува. Човек што се жали дека сите го мразат, а цела година ги нарекуваше луѓето глодачи, мршојадци, предавници. Се прашувам што точно очекува Христијан Мицкоски. Дека народот ќе му аплаудира додека го понижува? Дека ќе го сакаат додека ги плаши и дели? Дека ќе го следат додека гледа само за себе, а ги игнорира барањата на граѓаните, на работниците, на земјоделците? – рече Филипче.
Тој додаде дека единствената стратегија на премиерот Мицкоски е за секој свој неуспех да ги обвинува другите.
– Да каже дека сите други се криви, само тој не. Дека Македонија ја уништиле другите, а тој не можел сега ништо да направи. Кажува дека државата е заложник, а тој е жртва на хибридни напади, странски служби и стотици измислени приказни за да ја покрие својата неспособност. Но, да зборуваме реално, што направи ВМРО-ДПМНЕ за една и пол година централна и четири години локална власт? Ниту една реформа, ниту една нова визија, ниту еден план за младите, ниту еден концепт за економијата – нагласи лидерот на опозицијата.
Тој повика на масовна теренска мобилизација во последната недела пред изборите, нагласувајќи дека ова „не се обични избори, туку ова е морална битка за Македонија“.
Паралелно со ова, кандидатите за градоначалници даваат сè повеќе и повеќе ветувања за проекти во претстојните четири години. Орце Ѓорѓиевски, кандидат за скопски градоначалник на владејачката коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, најави олеснувања за младите брачни двојки.
– Младите брачни двојки до 40 години, без друг имот, ќе добијат до 100 проценти ослободување од комуналиите при изградба на куќа за домување. За општините што веќе донеле ваква одлука, како Кисела Вода, ослободувањето ќе изнесува 100 отсто, а за другите општини – 60 проценти, односно делот што му припаѓа на Градот Скопје – истакна Ѓорѓиевски.
Тој најави и 17 проекти од областа на дигитализацијата, со кои Скопје ќе стане првиот целосно пејпер фри град во државата, дигитален, модерен и транспарентен. Меѓу мерките што ги најави се и младинска квота за вработување како обврска за средните и за големите компании да ангажираат најмалку еден млад вработен до 25 години на секои 20-мина постојни, младински центар за кариера – платформа за менторство, обука и поврзување со работодавците, поддршка за младите занаетчии преку субвенции за опрема, стипендии и практикантство преку кампањата „Учи занает, гради иднина“, дискозона како специјализирани зони за ноќен живот надвор од центарот…
Кандидатот за градоначалник на оваа коалиција за Кичево, Александар Јовановски, најави решавање на проблемот со дивата депонија во центарот на градот. Кандидатка во Кисела Вода, Бети Стаменкоска, вети редовно одржување на јавната хигиена, намалување на дивите депонии и создавање чисти, уредни и безбедни јавни простори, зелени паркови, училишни мини шуми…
Кандидатката за скопска градоначалничка од редовите на СДСМ, Каја Шукова, вчера најави враќање на природниот сјај на Вардар.
– Мораме да почекаме да заврши судската постапка за „галиите“ од проектот „Скопје 2014“, но, според мене, коритото и кејот на Вардар треба да бидат онака како што беа пред тие интервенции. На овие објекти не им е местото тука. Нашата намера е да го вратиме Вардар во неговата природна убавина, со одржливи решенија што ќе обезбедат чиста вода, биолошка разновидност и пријатен простор за сите генерации. Само така ќе имаме вистински зелен град, во кој реката Вардар не е само природен ресурс туку и срце на Скопје – порача Каја Шукова.
Од коалицијата „Вреди“, која е дел од владиното мнозинство, упатија остра порака до ривалите од НАИ.
– Селотејп коалицијата, составена од ситни лични интереси, по локалните избори го завршува своето политичко поглавје засекогаш. Вресоците на Ахмети, Таравари и на Села се последните извици на една коалиција во распад. „Референдумот“ на ДУИ, последниот обид на една партија во паника, ѝ се враќа како бумеранг. Албанците го гледаат овој филм повеќе од две децении, патриотизам во зборови, кражба во дела. Дваесет години не успеаја да обезбедат ни пивка вода во албанските општини; во некои од нив, дури и водата ја оставија затруена со арсен. Тоа е „светот“ што го создадоа: загаден, ненаситен и изгниен однатре – потенцираат од „Вреди“.
Нивниот градоначалнички кандидат за Општина Чаир, Изет Меџити, денеска вети бесплатни униформи и оброци за сите ученици од основните училишта во оваа општина. Противкандидатот во Чаир, Бујар Османи, пак, најави менување на фасадите на старите згради, нови лифтови и заштита на зеленилото во оваа општина.
– Менувањето на фасадите не е само прашање на естетика, тоа е прашање на енергетска ефикасност, тоа значи термоизолација и во зима и во лето, тоа значи помалку загадување – изјави Османи, кој најави и инсталација на лифтови во зградите каде што нема, како и реновирање на старите лифтови.
Тој порача и тоа дека „ако во првите сто дена не го исчисти Чаир, нема да продолжи понатаму“. (Б. Ѓ.)
ЗНАМ и СДСМ во битка за просторот во Крњево
Сè пожестоки напади се случуваат и на релација меѓу движењето ЗНАМ и опозицискиот СДСМ. На прес-конференција во населбата Крњево, портпаролот на движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, откри дека актуелниот градоначалник, Горан Герасимовски, се обидува да продаде „лажна приказна“ за уредување на просторот. Според него, тој простор, според важечките урбанистички планови, е наменет за изградба на булеварот „Крушевска Република“, а не за игралишта и зеленило.
– Она што го гледаме денес не е пример за грижа кон жителите, туку пример за самоволие, злоупотреба и грубо прекршување на сите урбанистички норми. Тој што треба да ги руши дивоградбите, сега сам ги гради. Ова е скандалозно и спротивно на законите – потенцира Мемов.
На ова одговорија од СДСМ.
– Во отсуство на идеи и визија, ЗНАМ и Никола Мемов тргнаа во брутална црна кампања, толку очајна што дури и чистењето на ѓубрето им пречи. По барање на самите жители на Крњево, Општината ја исчисти и таму ќе има игралишта, урбана опрема и зеленило. Општината реализира проекти според важечките ДУП-ови, каде што е предвиден овој проект и ќе се реализира – одговорија од оваа партија.