Пред осум години, на локалните избори во 2017 година, граѓаните му го дадоа градоначалничкиот мандат на тогашниот кандидат, Петре Шилегов, кој, како еден од капиталните и долгорочни проекти, им понуди нов мост преку Вардар и тунел под Кале. Ја прифатија неговата долгорочна визија за развој на Скопје, во која беше и овој проект, проценет дека ќе чини 30 милиони евра. Но, од проектот ништо. Се распишуваа тендери, договори за изработка на главни проекти, но на крајот беа раскинувани. Колку беше платено сето тоа од градската каса и колку ги чинеше граѓаните, никогаш не беше соопштено. А, инаку, истата сообраќајница плански се предвидуваше уште од седумдесеттите години на минатиот век. Неговата наследничка, Данела Арсовска, не го продолжи овој проект, кој требаше да го олесни и да го забрза сообраќајот меѓу централното градско подрачје и Општина Чаир. Пред четири години, Арсовска им понуди на скопјани своја, друга, долгорочна визија за развој на метрополата, која почиваше на осум столба. Дигитализиран и зелен со пет мегапарка, град со бесплатен јавен превоз, со нови автобуси, со ефикасни градски служби, со зелен спортски кеј долг 40 километри… Но, и таа визија, покажува истекувањето на нејзиниот актуелен мандат, не се оствари. Долгогодишниот проект „Скопје 2014 година“, пак, имаше најголемо остварување, но сега неговите објекти во голема мерка пропаѓаат, им се уриваат фасадите, покривите прокапуваат, инсталациите се расипуваат оти не се одржуваат како што треба од наследниците на тогашниот градоначалник, Коце Трајановски. По сето ова, сега, во пресрет на скорешните локални избори, на скопјани, на жителите на неговите општини им се нудат нови и нови долгорочни визии за развој на метрополата.
Проекти долги две-две и пол децении за итни проблеми
Тековната изборна кампања исфрли на виделина многу амбициозни визии како за развојот на Градот Скопје така и на, на пример, на Општина Чаир. Кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ја нарече својата изборна програма „Визија за Скопје 2025-2045“. На почетокот од кампањата, објасни дека е изградена на седум столба: одржлив урбан развој во следните 20 години; здрава животна средина; комунална обнова; враќање на културниот идентитет; дигитална трансформација; град на младите и јакнење на јавната грижа и безбедноста. Неговата главна противкандидатка, Каја Шукова, објави дека има визија „Скопје 2050“, за наредните две и пол децении. Најави нов систем на јавен превоз, нови сообраќајници, мостови, 15 парка, уредени депонии и третирање на отпадот. И Владимир Куновски, кандидат поддржан од Работничката партија, им ја понуди на скопјани „Визија 2050“, која се темели на пет клучни столба: животна средина; дигитализација; социјална кохезија; одржлива економија и ефикасно управување. И во Општина Чаир главните ривали излегоа со долгорочни визии. Бујар Османи од коалицијата предводена од ДУИ ја понуди „Визија Чаир 2040“, изработена заедно со мексиканскиот архитект Мишел Ројкинд, во која нуди сообраќајни решенија, редизајнирање на уличната мрежа, нови јавни простори, нови зелени површини, нов план за урбанизација… И противкандидатот од Вреди, Изет Меџити, заедно со турскиот архитект Бајрам Вардар, претстави долгорочна визија за развој на најгустонаселената општина во градот. Па така, се ветуваат нова модерна инфраструктура, нови булевари, 5.000 паркинг-места, проект „Модерна Топаана“, урбано зеленило, културни простори, нови образовни и младински центри…
Се нудат повеќе визии, многу проекти, ветувања за кои е прашање дали, како и кога ќе се реализираат со оглед на тоа што мандатот на новите градоначалници им трае само четири години. А, искуството покажува дека градбата на капиталните проекти трае многу подолго и без гаранции дека ќе бидат продолжени од нивните евентуални наследници на градоначалничката функција. Тогаш, дали се побројни визиите што сега им се нудат на граѓаните можат да значат дека кандидатите за градоначалници стануваат свесни дека не може да ги завршат главните проекти за четири години и дека им треба подолг, неколкукратен мандат за тоа?
– Мојата „Визија за Скопје 2025-2045“ не значи дека нема да се решат работите за четири години, туку дека ние и нашите деца и внуци ќе знаеме во каква извесност ќе живееме. Сега живееме во неизвесност и хаос. Ние сега не знаеме каде сме како града, каде треба да стигнеме утре, а камоли за 10, 15 или 20 години. Јас сакам да создадам ред во хаосот и да имаме извесност – изјави неодамна Орце Ѓорѓиевски како одговор на новинарското прашање од ВЕЧЕР врзано за причините зошто се нудат повеќедецениски визии.
Консензус и договор со сите за долгорочни проекти
Едно од најголемите стравувања се јавува околу прашањето дали евентуалните наследници на кандидатите што станале градоначалници со своите неколкудецениски „визии“ би ги продолжиле проектите на претходниците. Односно, се поставува прашањето дали за ваквите децениски проекти, какви што се депониите, новите системи на јавниот превоз, главниот водовод, новите мостови, тунели, клучки, булевари, промените во организацијата на комуналните претпријатија… треба да се направи договор и консезуална согласност од политичките ривали за и тие подоцна да ги продолжат работите. Политичкиот аналитичар Александар Ристевски смета дека е сосема неопходно тоа.
– Визија за Град и за општина е добро, да не речам одлично да се има. Но таа визија не може и не смее да се продава како лична желба на кој било кандидат. Среднорочните и долгорочни стратегии се прават по сеопфатни анализи на стручната јавност, се нудат на совет и се преточуваат во нешто што се вика генерален урбанистички план или ГУП – наведува Ристевски за весникот ВЕЧЕР.
Тој како пример ја наведува децениската изградба на метролиниите во повеќе градови во соседството: Белград, Софија, Солун… кои не беа прекинувани, иако во меѓувреме се менуваа нивните градоначалници и партиски коалиции. Сега, во ваква ситуација, спроти изборите на 19 октомври, се поставува прашањето дали оние кандидати за градоначалници ќе ги повикаат другите противкандидати да дадат поддршка и да се постигне еден вид консензус за главните проекти во победничката „визија“. Па и на можноста таа да биде надополнета со проекти на противкандидатите.
Кандидатот Ѓорѓиевски за весникот ВЕЧЕР неодамна изјави дека во неговата визија, клучната улога ќе ја имаат граѓаните.
– Некои решенија и стандарди што ќе бидат применети во Градот Скопје, ќе значат состојба во која самите граѓани нема да дозволат поинаку да бидат третирани одредени сегменти од програмата што заеднички ќе почнеме да ги креираме. Така што не верувам дека политичките партии не би изразиле консензус за едно вакво решение, оти со него ќе градиме систем и ќе знаеме каде одиме – наведува Ѓорѓиевски.
Аналитичарот Ристевски потенцира дека е важно да се постигне консензус пред да почне реализацијата на капитални проекти.
– Тој е важен да се постигне, не само со партиите туку и со критичарите, со стручната јавност. Откако ќе се постигне тоа, тогаш таа визија ќе се спроведува. Сметам дека претходно е потребен и еден вид јавна дебата за да се слушнат сите мислења. Победата на изборите нема врска со визија за град. Визија за град е стратешко планирање, кое го надминува кој било градоначалник. Истиот може да е 4, 8, 12 години. Визија е за 50, 100 години. Не се милиони евра во прашање, туку милијарди – за тунели, брани, пречистителна станици, возови, стратешки градби. За такво нешто, потребни се јавни расправи годин-две – нагласува аналитичарот Ристевски. (Б.Ѓ.)
Компатибилност на проектите?
Врзано за долгорочните „визии“ што се предлагаат во изборната кампања, се поставува и прашањето за усогласеноста на визиите за, на пример, за Скопје и за скопската општина Чаир или, пак, некоја друга. Односно, што во ситуација ако за градоначалници бидат избрани оние кандидати што имаат различни визии и како тогаш да се обезбеди нивната компатибилност.
Кандидатот Орце Ѓорѓиевски, во одговор на прашањето на весникот ВЕЧЕР, рече дека сè уште не ја видел визијата на кандидатот Бујар Османи.
– Не ја следам неговата програма, ниту настапите. Ќе го задолжам мојот тим да ја погледне. Јас сум фокусиран на решавање на проблемите – ни одговори тој.