Жешката изборна кампања за локалните избори и острите конфронтации меѓу власта и опозицијата, сепак, исфрлија на виделина и можност за согласност околу решението за еден од клучните проблеми на македонската метропола – јавниот превоз. Идејата за негова модернизација, која пред граѓаните уште во 2021 година ја промовираше тогашниот скопски градоначалник, Петре Шилегов, сега доби и поддршка од актуелната владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека проектот ќе биде модифициран и дека теренските активности би можеле да се очекуваат во претстојните две години.
– Од проектот не се откажуваме, но ќе биде модифициран, затоа што таков каков што е предвиден, на таа траса, зборувам за трасата што треба да го поврзе источниот со западниот дел на градот и да заврши до Ѓорче Петров, цениме дека треба да биде продолжена најмалку до Сарај и да се изнајде техничко решение. Истовремено, да се развива и другата линија север-југ, која треба да го поврзе Бутел со Кисела Вода и тој дел на градот, до Драчево – изјави Мицкоски во телевизиско интервју.
Тој додаде дека, сепак, треба да се обноват разговорите со европските финансиски институции бидејќи е потребен заем за овој проект, а потоа заеднички да се измени техничкото решение, заедно со кредиторот.
– Мислам дека можеме да го операционализираме тоа во неколку месеци доколку постои расположение од другата страна и веднаш да тргнеме со допроектирање. Реално е во 2026-2027 г. да почнат теренските активности – рече Мицкоски.
Тој очекува победа на нивниот кандидат за скопски градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, уште во првиот круг и дека брзо ќе се видат резултатите во неговата работа.
Ова не е првпат Мицкоски да најавува реализација на проектот БРТ, односно брз автобуски транспорт. Тој уште во 2022 година, како лидер на опозицијата и по изборот на Данела Арсовска за скопска градоначалничка поддржана од нивна страна, рече дека „проектот БРТ не е напуштен и дека ги коригираат грешките што ги имал проектот на Шилегов“. Градоначалничката Арсовска, инаку брзо по изборот во 2021 година, ги стопира проектот и распишаниот тендер за негова изградба. Таа тогаш рече дека нема да го прави, затоа што тоа било ветување на Петре Шилегов, а тој загубил на изборите.
Инаку, ВМРО-ДПМНЕ беше категорично против проектот уште тогаш, кога беше предложен, а беше неколку месеци пред локалните избори. Оваа партија особено ја проблематизираше изведбата на проектот со ставот дека „СДСМ и Шилегов прават скап и неефикасен БРТ-транспорт, кој ќе создаде сообраќаен хаос“. Тогаш на Шилегов му беше порачано да не го почнува овој проект на крајот од мандатот и со тоа „да не му остава проблеми на идниот градоначалник на Скопје“.
Градоначалничката Данела Арсовска, по разидувањето со ВМРО-ДПМНЕ, во ноември 2023 година, во Советот на Град Скопје предложи реализација на системот БРТ. И таа тогаш кажа дека се „отстранети пречките предизвикани од претходното раководство на чело со Шилегов“. Но, тој предлог не беше прифатен од советниците од ВМРО-ДПМНЕ, Левица и од Зелен хуман град.
Од редовите на СДСМ ја оценија како лицемерство најавата на премиерот Мицкоски дека по изборите ќе почне реализацијата на новиот систем на јавен превоз. Каја Шукова, кандидатката за градоначалничка на главниот град од СДСМ, изјави дека таа изминатите недели го промовирала БРТ-системот како дел од програмата за својата градоначалничка кандидатура.
– Лицемерно е оние што четири години го блокираа БРТ во Град Скопје, сега да го нудат како решение. Еден од клучните проекти што веќе ги најавив се враќањето и модернизацијата на БРТ-системот, како брз, ефикасен и одржлив јавен превоз, што Скопје одамна го заслужува. И додека тие се обидуваат да рециклираат идеи што ги саботираа до вчера, скопјани добро знаат кому може да му веруваат. Идеите може да се копираат, но капацитет, кредибилитетот и чесноста не се копираат. Скопје не смее да стане заложник на предизборни пресвртни лаги. Скопје заслужува лидер со визија, а не маркетиншки кампањи без покритие – кажа Шукова. (Б. Ѓ.)
Што предвидува концептот: две ленти на средината на булеварите, две линии…
Првичниот проект БРТ, промовиран пред четири години, предвидува воспоставување две линии со коридори резервирани само за ултраеколошки автобуси со погон на гас-синерџи хибрид – од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Трасата со правец запад-исток е во должина од 12,8 км во едната насока, со 21 станица, а трасата со правец север-југ е во должина од 10,4 км и со 20 автобуски станици. Проектираната вредност за овие две маршрути, по кои патувањето ќе трае околу триесетина минути, е околу 70 милиони евра, пари што се веќе обезбедени од Европската банка за обнова и развој. Поборниците за овој концепт тогаш изјавуваа дека тој е многу поевтин од трамвајското решение по истата траса, кое би чинело околу 380 милиони евра. За да се реализира овој проект, потребно е искорнување на средишното зеленило што постои на одредени булевари. За овој проблем беше кажано дека нема да се уништи зеленилото, туку дека ќе се пресади. Се тврдеше дека ќе се обезбеди и полна заштита на главната водоводна цевка што оди покрај булеварот „Партизански одреди“.