Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) започнува со активности во рамките на кампањата што се спроведува по повод одбележувањето на Европската недела на мобилноста 2025, која оваа година ќе се одржи во периодот од 16 до 22 септември.
Во рамките на кампањата, РСБСП, во соработка со Министерството за внатрешни работи (МВР) и со партнерите во кампањите, ќе организира превентивно-едукативни настани насочени кон велосипедистите и кон возачите на електрични тротинети.
– Главна цел е да се подобри безбедноста и запознавање на овие учесници во сообраќајот со законската регулатива и со начините за безбедно управување со велосипеди и со е-тротинети, кои сè повеќе се дел од алтернативните методи на транспорт, како активен сегмент на урбаната мобилност – соопштија од РСБСП, нагласувајќи дека со тоа ја поддржуваат основната порака на Европската недела на мобилноста, односно промоција на одржлив, безбеден и модерен урбан транспорт.
РСБСП ги повикува сите граѓани да се вклучат во настаните, да се информираат и да придонесат за побезбеден и поодржлив сообраќај во нашите градови.
Оттаму ја испратија пораката дека почитувањето на правилата значи почитување на животот.