Професорот на Градежниот факултет, Горан Марковски, смета дека инспекторите треба да бидат ажурни на терен, донесувајќи дури и времени одлуки за стопирање на градењето. Но, како што наведува, инспектори речиси и да нема. – Градежни инспектори речиси и да нема, работниците што работат на објектите се без никаква заштита, работат на необезбедени скелиња. Се работи и во неработен ден. Станавме жртви на профитот што го создаваат инвеститорите, односно секој што гради, почнувајќи од бучавата, се кршат рабниците на тротоарите. Бев сведок минатото лето, кога се крена огромен облак од прав од градилиштето кај поранешната фабрика „Треска“. Тоа е таква агресија. Зошто да не се користат дронови за снимање на состојбата на градилиштата, а се користат за некои помалку битни работи? Треба секој во својата општина да има дрон, да се исклучи корупцијата – нагласува Марковски. Никола Велковски од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите објасни за весникот ВЕЧЕР дека ваквата појава се должи на тоа што во градбата на објектите повеќе не учествуваат вистински организирани фирми и нема раководител – инженер на објектот што се гради, кој би го организирал градилиштето
Урбанистички неред, градилишта на кои владее општ хаос, бидејќи градежни материјали ги зафаќаат тротоарите, а камионите што влегуваат и излегуваат од нив го запираат сообраќајот, Тие, сакајќи да истураат песок, зафаќаат ленти од сообраќајницата. Ова е честа слика што може да се забележи во повеќето скопски општини, а особено во центарот на градот.
Посебна приказна е тоа што излегуваат камионите со валкани и калливи тркала, од градилиштето се крева прав или е тоа несоодветно оградено и необезбедено. Освен тоа, бучавата при изведувањето на градежните активности ги вознемирува граѓаните, особено оние што живеат во околината на градилиштата.
Граѓаните реагираат, бидејќи се доведува во прашање нивната безбедност, но и здравјето и бараат надлежните да го решат тоа.
Последна таква реакција е на жителите од Буњаковец, кои предупредија на социјалните мрежи дека веднаш до училиштето „Јохан Хајнрих Песталоци“ има огромно градилиште, кое не е безбедно заградено и е опасно за животот на учениците.
– До кога ќе стравуваме од градилишта што се непрописно обезбедени, а од чии скелиња во секој момент може да падне смрт или осакатување? – нагласија жителите.
Тие упатија молба до надлежните институции за превентивна интервенција, како што велат, не само за заштита на децата туку и на сите луѓе.
Професорот на Градежниот факултет, Горан Марковски, смета дека инспекторите треба да бидат ажурни на терен, донесувајќи дури и времени одлуки за стопирање на градењето. Но, како што наведува, инспектори речиси и да нема.
– Градежни инспектори речиси и да нема, работниците што работат на објектите се без никаква заштита, работат на необезбедени скелиња. Се работи и во неработен ден. Станавме жртви на профитот што го создаваат инвеститорите, односно секој што гради, почнувајќи од бучавата, се кршат рабниците на тротоарите. Бев сведок минатото лето, кога се крена огромен облак од прав од градилиштето кај поранешната фабрика „Треска“. Тоа е таква агресија. Зошто да не се користат дронови за снимање на состојбата на градилиштата, а се користат за некои помалку битни работи? Треба секој во својата општина да има дрон, да се исклучи корупцијата – нагласува Марковски.
Никола Велковски од Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите објасни за весникот ВЕЧЕР дека ваквата појава се должи на тоа што повеќе не учествуваат вистински организирани фирми во градбата на објектите.
– Инвеститорите се поединци, воедно нема раководител на објектот –инженер за изведба на објектот, кој ќе го организира градилиштето. Треба да се направи проект за организација на градилиштето, но и сообраќаен проект за тоа кога може да влегуваат возила во градилиштето и да излегуваат од него – вели Велковски.
Тој додава дека се заведени раководителите на објектот, но тие постојат само фиктивно, на лист хартија, а на градилиштето работат само два или најмногу четири часа, а не со полно работно време од осум часа.
Освен тоа, Велковски додава дека нема ни надзор.
– Сето тоа постои само фиктивно за да се добие записник и за да се изврши технички прием. А тоа е така бидејќи ниту државната инспекција, ниту, пак, општинските градежни инспектори вршат контроли – смета Велковски, нагласувајќи дека не се почитува Законот за градење.
Тој е дециден дека треба да се забрани вработување инженери –раководители на објектот на два или четири часа.
– Тие треба да бидат на градилиштето постојано, осум часа и градежните инспектори треба да излегуваат на терен за да ги проверуваат градилиштата. Да видат дали е изведен објектот во согласност со проектот, дали има сообраќаен режим за влез и излез од градилиштето, а сето тоа треба да го контролира и фирмата што врши надзор над објектот што се гради – дециден е Велковски.
Од Општина Центар, каде што има најголем број градилишта, неодамна соопштија дека нивните градежни инспектори казниле четири градилишта поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјали што претставуваат опасност за пешаците и за безбедното одвивање на сообраќајот.
– Беа изготвени записници и прекршочни налози за објекти лоцирани на улиците „ Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, а казните за овие прекршоци се движат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски уверуваше дека ќе продолжи надзорот врз активните градилишта со несмален интензитет.
– Редовно ја следиме состојбата на сите градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција има за секој оној што го прекршува законот и ја загрозува јавната површина – заклучи тој.
(А. П.) Фото: (Ѕ.П.)












