Камионските превозници од Македонија и од Западен Балкан денеска втор ден ја продолжуваат блокадата на граничните премини кон Шенген-зоната, предупредувајќи за сериозни економски последици. Протестот е насочен против примената на системот ЕЕС и правилото 90/180 дена, кое, според нив, ги става во нерамноправна положба. Премиерот Христијан Мицкоски најави директна комуникација со Европската комисија и изрази очекување дека ќе биде решен проблемот во координација со земјите од регионот. Додека трае дијалогот, штетите за економијата секојдневно се зголемуваат
Камионските превозници од Македонија и од земјите на Западен Балкан денеска ја продолжуваат блокадата на товарниот сообраќај на граничните премини кон Шенген-зоната, во знак на протест против примената на електронскиот систем за евиденција на влез и излез (ЕЕС) и ограничувањата поврзани со правилото за престој од 90 дена во период од 180 дена. Според најавите, протестите ќе траат најмалку седум дена, додека патничкиот сообраќај засега се одвива непречено.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази очекување дека ќе биде надминат проблемот со кој се соочуваат македонските превозници, преку директна комуникација со институциите на Европската Унија. Тој потсети дека е отворено прашањето уште од септември минатата година и дека во процесот е вклучен и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
– Барем од последните најави, очекувам да се реши ова прашање. Вчера побарав телефонски разговор со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која моментално е на службено патување во Индија. Очекувам да се слушнеме во наредните денови и повторно да ја отвориме оваа тема, заедно со колегите од регионот. Европската Унија има јасен Шенген-механизам до кој се придржува, а ние бараме варијанта како да им излеземе на транспортерите во пресрет – изјави Мицкоски.
Превозниците од Македонија, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина сметаат дека новиот систем ги става во нерамноправна и дискриминаторска положба во однос на транспортните компании од земјите членки на ЕУ. Тие бараат професионалните возачи да добијат посебен статус и при влез во Шенген-зоната да не се третираат како туристи, туку како работници со висока мобилност.
– Поентата не е да ја заглавиме сопствената економија, туку да укажеме што може да се случи ако не се најде решение. Кога ќе се приклучат и Турција и други земји, ќе зборуваме за над милион тони стока што или се движи или чека на границите. Ова е сигнал, но не можеме со месеци да имаме блокади – изјави Билјана Муратовска од асоцијацијата на превозници „Макамтранс“.
Таа нагласи дека земјите од регионот имаат склучено билатерални договори со ЕУ во областа на транспортот и дека барањето компаниите да ангажираат по двајца возачи по возило е економски неоправдано.
– Не е логично еден возач три месеци да седи дома, со минимална плата, а другиот да работи. Тоа не е одржливо ниту за компаниите ниту за возачите – додаде Муратовска.
Европската комисија соопшти дека е свесна за загриженоста на транспортните оператори од Западен Балкан. Портпаролот за внатрешни работи, Маркус Ламерт, изјави дека Комисијата внимателно ја следи состојбата и дека е во контакт со партнерите од регионот.
– Системот за влез-излез не воведува нови правила за престој, туку овозможува подобра примена на постојните. Свесни сме дека одредени професии, како камионските возачи, имаат потреба од поголема флексибилност и токму тоа го разгледуваме во рамките на подготовките на новата визна стратегија – изјави Ламерт, потенцирајќи дека правилото 90/180 дена важи со години, низ целата Шенген-зона.
Во меѓувреме, економските последици од блокадите стануваат сè поочигледни. Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж, предупреди дека директната штета од застојот на товарниот сообраќај и на извозот од цел Западен Балкан изнесува околу 100 милиони евра дневно.
– Секоја производствена компанија плаќа пенали од 10.000 до 50.000 евра дневно за неиспорачана стока. Само од Србија, околу 10.000 компании извезуваат во ЕУ. Ова е парадокс – Европа самата ја блокира сопствената економија – изјави Чадеж при посетата на граничниот премин Батровци, каде што целосно е запрен товарниот сообраќај.
Незадоволството од состојбата се прошири и во Бугарија. Тамошните превозници, според медиумите, се жалат за сериозни финансиски загуби, бидејќи, поради блокадите ,мораат да користат алтернативни маршрути преку Романија, со што им се продолжува патувањето за 500 до 600 километри. Блокадите ги опфатија и сите гранични премини меѓу Бугарија и Македонија.
Бугарските транспортни здруженија ја оценуваат ситуацијата како „економски неодржлива“ и најавуваат координација со националните институции и можен заеднички настап кон Европската комисија. Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека внимателно ја следи состојбата и дека е подготвено да ги активира дипломатските канали доколку ескалира кризата.
Најавено е дека протестот ќе трае седум дена, но превозниците порачуваат дека може да заврши и порано доколку Европската комисија прифати директна средба и започне конкретен дијалог за изнаоѓање решение за примената на правилото 90/180 дена и статусот на професионалните возачи.
(С. Бл.)












