Камерниот оркестар „Профундис“, заедно со виолончелистот од Србија, Петар Пејчиќ,  на 29 ноември, во големата сала на Македонската филхармонија, ќе настапат како дел од оф-програмата на најпрестижниот македонски уметнички фестивал „Охридско лето“. Концертот ќе се одржи во препознатливата кендлајт (candlelight) атмосфера, односно под светлината на илјадници свеќи – амбиент кој ширум светот прерасна во современ симбол за интимно, емотивно и визуелно импресивно музичко искуство.

Притоа публиката ќе има можност да ужива во внимателно селектирана програма што ги спојува контемплативната минималистичка естетика на Филип Глас преку свитата од филмот „The Hours“, драматичната експресивност и виртуозност на Поперовата Унгарска рапсодија оп. 68, како и елеганцијата, духовитоста и романтичната длабочина на Чајковски и неговите Рококо варијации – создавајќи заедно музичка целина исполнета со динамика, суптилна емоција и беспрекорна артистичност, идеална за свечениот candlelight амбиент.

-Чест е што Охридско лето токму на Профундис му ја довери премиерата на оф-програмата во Скопје. Верувам дека овој концерт ќе биде посебен не само по атмосферата, туку и по начинот на кој музиката ќе прозвучи – искрено, концентрирано и со длабока намера. Нашата цел е да создадеме простор каде звукот и светлината се во совршен дијалог, а публиката да ја почувствува онаа тивка, но моќна магија што ја прави музиката неповторлива, изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, диригент на Профундис.

Особена чест за оркестарот е и соработката со ексклузивниот гостин-солист, виолончелистот Петар Пејчиќ, еден од најперспективните млади европски уметници, финалист на престижниот натпревар „Кралица Елизабета“ и солист кој веќе настапува со водечките европски оркестри.

Овој уникатен концепт, кој обединува минимална светлина и максимална музичка експресија, овозможува слушателот да се фокусира на секој звук, секој здив на инструментите и секоја суптилна динамика што ја создава ансамблот. Концертот, пак,  е исклучителна можност скопската публика повторно да го почувствува уметничкиот идентитет на „Профундис“ – оркестар кој со континуирана посветеност, автентичност и висок квалитет го гради своето место на македонската и регионалната музичка сцена.

ИЗДВОЕНИ