Видеото на кое се гледа како израелски воздушен напад ја прекинува информативната програма на иранската државна телевизија го предизвика вниманието на светската јавност додека конфликтот меѓу Иран и Израел влегува во нова фаза на ескалација.
Новинарот на Си-Ен-Ен, Фред Плејтген, известуваше од внатрешноста на зградата на ИРИБ, седиштето на иранската државна телевизија, која претрпе голема штета во нападот.
“Моментално се наоѓаме во главното фоаје на зградата на IRIB, која беше погодена од израелски воздушен напад пред неколку дена. Штетите се огромни. Целиот овој простор е целосно уништен – канцеларии, опрема за емитување, технологија, сè е практично неупотребливо”, рече Плејтген од местото на настанот.
При обиколката на внатрешноста беше предупредено дека се уште постои опасност од неексплодирани делови од бомбите.
Меѓу уништените соби се наоѓало и телевизиското студио каде водителката ги читала вестите во живо во моментот на ударот.
“Овде е бирото на водителката. Во моментот на ударот, таа читала вести, кога се слушнал ударот и студиото наеднаш изгубило моќ. Таа ја напуштила областа, но подоцна се вратила и ја завршила информативната програма. Сега во Иран се слави како херој на иранските медиуми”, пренесува CNN.
Насекаде се видливи знаци на експлозија. За силината на ударот сведочи канцеларискиот простор полн со изгорени маси, стопени телефони, тастатури и монитори. На една од работните маси сè уште има недопрен оброк, заедно со лажица деформирана од топлината на експлозијата – сведоштво за брзината на евакуацијата и ненадејноста на нападот.
Нападот предизвика бес кај иранската јавност. Властите во Техеран остро го осудија израелскиот потег и најавија одговор.
„Иранците се бесни поради нападот на медиумскиот објект и го сметаат за директен напад на иранскиот суверенитет. Властите велат дека ќе следи одговор“, објави Плејтген од Техеран, пренесува Кликс.