Полицијата почна да дели опомени за сообраќајни прекршоци „фатени“ на камерите од проектот „Безбеден град“. На телефонот на сопственикот на автомобил марка „голф“ од скопски Бутел стигна пробен записник за сторен прекршок бидејќи кај кружниот тек кај Олимпико возел со 60 километри на час. Скопјанецот има среќа што овој месец прекршоците се новогодишен подарок од сообраќајната полиција, па нема да се повлекуваат пари од сметка. Од 1 јануари возачите во рок од 8 дена ќе си ги плаќаат казните за прекршоците регистрирани на камерите поставени на раскрсниците.
Безбедноста на градот, освен со камерите, веќе почна да се обезбедува и со казнување на пешаците и на возачите на тротинети. За поминување пешачки премин со употреба на мобилен полицијата казнува со 40 евра, а за возачите на тротинети и на мотори, кои и возат и користат телефон, казната е 50 евра.
Изутрината, возачите кои сè уште не знаеја за новината дека почнува пробниот период со статичните камери не внимаваа многу на семафорското светло или на начинот на престројување. Како што одминуваше денот, информацијата стигна до поголем број возачи, па сликата во главниот град се менуваше. Внимателноста беше забележителна на поголемите раскрсници.

Полицијата најави дека нема да им толеранција, без разлика дали ќе се сними прекршок во населено место или надвор од населено место. Најмногу ќе се следи дали се вози со дозволената брзина и дали се почитуваат семафорите.
– Во почетниот период ќе се евидентираат сообраќајните прекршоци како: управување на возило со брзина поголема дозволената, минување на црвено светло, изминат рок на важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирани возила, а во следната фаза од проектот е планирано проширување на видот на сообраќајните прекршоци што ќе ги регистрира електронскиот систем, соопштија од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Поголемиот дел од граѓаните го поздравуваат системот „Безбеден град“, но бараат и подобрување на осветлувањето на улиците.
– „Сејф сити“ е можеби добра работа, но задолжително треба да се подобри осветлувањето на улиците во Скопје, особено на пешачките премини. Само тогаш ќе има поголема безбедност во сообраќајот, вели скопјанец. Друг, пак, бара знаци дека се снима. – Мора да постават знаци за предупредување дека има камера и потребно е полиција во цивилни возила по автопатишта и по заобиколниците, како и подобри патишта и осветлување. Трет, пак, прашува дали ќе се казнуваат и оние што си зборуваат на телефон додека возат.
– Треба и полицијата да биде поприсутна на улиците.

Со системот „Безбеден град“ е предвидено на сопственикот на возилото со кое е утврдено дека направил сообраќаен прекршок, МВР да му испрати СМС-порака на мобилен телефон и на електронска адреса (податоци кои сопственикот на возилото ги дал при регистрација на возилото) со линк за преземање на Записникот за прекршокот со казната која треба да ја плати.
– Доколку сторителот ја прифаќа одговорноста за сторениот прекршок во рок од осум дена од денот на приемот на записникот со прекршочен платен налог ќе плати половина од изречената глоба, ако истекол рокот од осум дена за да плати половина од изречената глоба, ќе може да го плати целиот износ, најдоцна во рок од осум дена по истекот на рокот за плаќање на половина, а пред постапката за извршување. Кога ќе заврши со плаќање на изречената глоба во дадените рокови не се плаќаат трошоци на целокупната постапка, објаснуваат од полицијата.
Странец, како и државјанин на Македонија кој планира да замине надвор од земјава, ќе мора веднаш во рок од 8 дена да си ја плати казната за сообраќајниот прекршок. „Ако сторителот не ја платил глобата, МВР ќе ја достави до органот надлежен за присилна наплата“, велат од полицијата. Во електронските записници од новите „полицајци“ кои снимаат 24/7 покрај казната за плаќање, за поголемите прекршоци е предвидена и санкцијата забрана за управување со моторно возило.
– Казните ќе може да се платат електронски преку линк кој сторителот на прекршокот ќе го добие со известувањето. Во овие случаи е потребно во уплатница автоматски да биде внесен бројот на записникот за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог и износот на глобата изразена во денари.
Во овие случаи, МВР веднаш електронски добива известување дека глобата е платена, објаснуваат од полицијата.

Проектот беше најавен веднаш по трагичната сообраќајка во која загина младата Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“, по што властите се зафатија со менување на законите што ја регулираат безбедноста во сообраќајот. Безобѕирноста во сообраќајот е главна причина за зголемување на бојот на жртви по македонските патишта. Сепак, црната статистика е потпомогната и од неадекватната инфраструктура и од лошиот јавен транспорт, па голем дел од луѓето се принудени да се движат со сопствен автомобил и со тоа драстично се зголемува бројот на возилата во сообраќајот, што претставува дополнителен стрес и за возачите и за пешаците.
„Безбеден град“ е заеднички проект на Министерството за внатрешни работи и на Министерството за правда, паметни камери се поставени низ Скопје, Тетово и Куманово, на автопатиштата и на значајните регионални патишта. Се планира проектот во иднина да ги опфати и другите градови. (П. А.)












