Општина Ѓорче Петров, со европски проект, воспоставува паметен систем за рано откривање поплави и спречување на загадувањето во сливот на реката Лепенец. Во рамки на европскиот проект „Паметен систем за рано откривање поплави и мониторинг на отпадот во сливот на реката Лепенец“, Општината започна со имплементација на сеопфатен, иновативен и интегриран модел за заштита на животната средина преку примена на современи технологии. Проектот има јасно дефинирана цел: подобрување на квалитетот на животната средина преку рано откривање, контрола и спречување на загадување – особено фокусирано на дивите депонии и нелегалното одлагање на отпад.
Реката Лепенец, како значаен воден тек кој минува низ територијата на општината, со години се соочува со проблеми предизвикани од човечки фактори – неконтролирано фрлање отпад, појава на диви депонии и зголемени ризици од поплави. Со овој проект, Ѓорче Петров прави крупен чекор напред, воведувајќи систем кој обединува технологии за рана детекција, автоматско известување, мониторинг од воздух и долгорочна анализа на податоци.
-Проектот предвидува поставување на паметни камери на стратешки локации долж речното корито, особено на влезовите и излезите од критични зони каде што често се појавуваат диви депонии. Овие камери се високо технолошки – имаат можност да регистрираат движење на лица и возила дури и при слаба осветленост, и автоматски да препознаат сомнителни активности, како што е пристигнување на товарни возила во заштитени зони. Во моментот кога системот ќе регистрира активност што се смета за потенцијален ризик, се активира аларм кој веднаш се пренесува до надлежните инспекциски служби. Покрај тоа, сите снимени материјали се архивираат во безбеден систем и можат да бидат користени како доказ во понатамошни административни и правни постапки – истакна Бобан Стојаноски, раководител на Одделението за поддршка на градоначалникот во Општина Ѓорче Петров.
Тој додава дека освен тоа, проектот вклучува и користење на беспилотни летала – дронови, кои како што нагласува имаат клучна улога во превенцијата и раното препознавање на проблеми на терен.
– Со редовни летови над ризичните подрачја, дроновите овозможуваат визуелен надзор на подрачја кои имаат потенцијал да се претворат во диви депонии. Ова е исклучително важен аспект на системот, бидејќи дозволува навремена интервенција уште во рана фаза, со што се спречува понатамошно ширење на загадувањето – објаснува Стојаноски.
Тој истакна дека во моментов, се спроведуваат тестирања и финално усогласување на сите комуникациски протоколи и механизми за брза реакција со надлежните инспекциски служби. Паралелно, општината работи на развој на аналитички модели за предвидување на ризични точки и однесувања, со што добиените податоци не се користат само за реакција, туку и за планирање, превенција и стратешко управување.
-Овој систем не е замислен само како алатка за контрола, туку како долгорочна, паметна платформа која обединува автоматизирана евиденција, брза интервенција и научна анализа. Станува збор за пример на дигитална трансформација на локалната самоуправа која носи конкретни и одржливи придобивки за граѓаните и животната средина – вели Стојаноски, потенцирајќи дека со имплементацијата на овој модел, Општина Ѓорче Петров покажува дека може да биде лидер меѓу општините во примената на современи технологии за еколошка заштита.
-Проектот е доказ дека со соодветна визија, стручна поддршка и подготвеност за иновации, локалната самоуправа може ефикасно да се справува со еден од најсериозните проблеми – загадувањето на природната средина. Очекувањата се дека воспоставениот модел ќе стане составен дел од редовното функционирање на инспекциските служби и дека истиот ќе може да се прошири и на други ризични локации во поширокиот регион, поставувајќи нови стандарди во заштитата на природата и урбаното управување – заклучи Стојаноски.
(А.П.)