Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, за време на вчерашната ноќна прошетка со премиерот Христијан Мицкоски, обелодени дека донацијата за илуминација на Камениот мост е во вредност од 9 милиони денари, но оти само ќе биде потребно одобрение од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. Од Министерството за култура и туризам кусо одговорија дека се запознаени со донацијата и оти се во координација со Градот Скопје

Камениот мост повторно ќе биде целосно осветлен, а проектот за илуминација на симболот на Скопје вреден 9 милиони денари ќе биде донација од турска општина. Ова го обелодени скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, вчеравечер, за време на прошетката со премиерот Христијан Мицкоски низ центарот на градот.
Градоначалникот истакна дека се чека само одобрението од министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Од Министерството за култура и туризам кусо одговорија дека се запознаени со донацијата и оти се во координација со Градот Скопје.
Камен мост во Скопје е историски споменик кој ги поврзува старите и новите делови на градот преку реката Вардар, поточно плоштадот „Македонија“ и Старата скопска чаршија.
Со години наназад мостот тоне во мрак и се изгуби и вечерната магија што ја даваше осветлувањето, бидејќи голем дел од светилките една по една прегоруваа, а не се водеше грижа за нивна замена. Лани во април дури беше распишан и тендер за илуминација, но тој никогаш не се реализира и заглави во институциите.
Од кога датира и кој го изградил споменикот засега не е точно утврдено. Постојат две претпоставки, а според првата која е потврдена со археолошките проучувања, тој бил изграден во VI век, веднаш по катастрофалниот земјотрес од 518 година, од императорот Јустинијан I. Според втората претпоставка, за која постојат извори, мостот бил изграден во времето на султан Мехмед II Освојувачот во периодот меѓу 1451 и 1469 година.
Мостот денеска се смета за симбол на градот Скопје и е главен елемент на грбот на Скопје, кој, пак, е насликан на знамето на Скопје во жолтозлатна боја.
За време на прошетката, Ѓорѓиевски на прашањето на премиерот за новогодишното украсување кажа дека е во тек постапката и оти на почетокот на декември градот ќе почне да се кити, а скопјани ќе можат да ја почувствуваат новогодишната атмосфера како што доликува.
Мицкоски и Ѓорѓиевски минаа низ плоштадот, покрај кејот на реката Вардар, како и во Градскиот парк и покрај лунапаркот, за кој Ѓорѓиевски најави дека наскоро ќе започне постапката за негова реализација.
Премиерот Мицкоски изрази задоволство од тоа како се чисти градот.
– Скопје сега конечно личи на метропола, како што доликува. Улиците и плоштадите чисти, полни со посетители – ја нема онаа лоша слика на која навикнавме. И никогаш повеќе нема да се повтори – истакна Ѓорѓиевски.
(А. П.)












