
Полуостровот Камчатка во Руската Федерација денес беше погоден од нов силен земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC). Земјотресот се случил на околу 196 километри од регионалниот главен град Петропавловск-Камчатски.
Земјотресот е регистриран на длабочина од околу 59,8 километри. Според извештајот на Геофизичката служба на Руската академија на науките, во последните 24 часа се регистрирани околу 146 последователни потреси со јачина помеѓу 3,2 и 6,2 степени според Рихтеровата скала.
За потсетување, во среда, на 30 јули, земјотрес со јачина од 8,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди Камчатка. Ова беше најсилниот земјотрес од 1952 година.
По земјотресот, беше прогласена закана од силно цунами во делови од Русија и бројни брегови на Тихиот Океан. Заканата беше активна за бројни земји на дури три континенти.