Камбовски и Мицковски со различни калкулатори, но со исто размислување за независен буџет

Кој за што, судиите и премиерот за платите!

0

Судиите и премиерот со различна пресметка за платите на делителите на правдата. Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, прашан за платите на неговите колеги од судовите, кажа дека највисока плата има претседателот на Врховниот суд, 114.000 денари нето плус минатиот труд што би дошло околу 2.000 евра, понатаму судија од највисокиот суд зема 105.000 со дополнителна исплата за стажот од минатото. За разлика од сумата што ја соопшти премиерот Христијан Мицкоски, дека претседател на основен суд зема 3.000 евра месечно, од Судскиот совет велат дека платата на шефот на првостепениот суд изнесува 99.112 денари, а судија од истиот тој суд со проширена надлежност има плата од околу 1.500 евра, без пресметан минат труд.

Претседателот Камбовски го поздрави размислувањето на премиерот, буџетот за правосудството да биде независен, за да се вработува според потребите на судовите. Неодамна, Мицкоски нагласи дека судиите и обвинителите ќе ја добијат бараната независност, но ќе бидат под собраниски мониторинг за секој потрошен денар од државниот буџет. Мицкоски не отстапува од ставот дека издатокот за правосудството е повеќе од доволен.

– Во регионот, буџетот за судовите – на пример, Албанија издвојува 0,17 % од БДП, ние 0,30 %, а Молдавија фронтранери кои напредуваат кон ЕУ 0,18 %, Грузија 0,15 %. Ова кажува дека буџетот што владата го издвојува за правосудниот систем е повисок од 75 % земји членки на Европската Унија и јас не гледам потреба за зголемување на таа сума, а што се однесува до делот одобрување на планот за вработување и унапредување, немам проблем, владата не се меша во судството, но е одговорна за трошењето на секој денар народни пари, а кога тие пари ги троши некој орган од управата на државата, логично е да државата се грижи за тоа“, изјави премиерот Мицкоски.

Откако е дојден на власт, премиерот Мицкоски е во своевиден клинч со судиите и со обвинителите, не со сите, како што вели тој, туку со оние што не сакаат да ја пуштат фотелјата, а кога ќе треба да се апси, ненадејно се разболуваат. Иако неодамна на пет члена на Судскиот совет им беше изгласана недоверба во Собранието, сепак никој од нив не си замина самоиницијативно од функцијата. Наскоро советот ќе работи со една третина помалку од телото бидејќи им истекува мандатот на поранешната претседателка Весна Дамева, и на членовите Ханиф Зендели и Селим Адеми. Од летоска празно стои уште едно место, на Милјазим Мустафа,  за кое предлог треба да даде претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која најави дека ќе го чека новиот закон за судски совет, кој има појасни критериуми за избор на истакнат правник. Законот сè уште не е донесен и последно го помина филтерот на Венецијанската комисија. На Селим Адеми, мандатот му истекува на средината на декември, а наследникот треба да биде избран од собранието. Ханиф Зендели си заминува во втората половина на јануари, а кој ќе седне во неговото столче, ќе бираат судиите.

Со два члена помалку ќе функционира и Уставниот суд откако судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска си поднесе неотповиклива оставка од лични причини и се враќа со работа на професорското место на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Сега Уставниот суд останува со само 7 судии, по разрешувањето на уставната судијка Елизабета Дуковска, на чие место Судскиот совет не избира нов судија веќе година. Претседателот на Судскиот совет, Камбовски, рече дека членовите биле со раздвоени мислења дали да се прегласуваат истите кандидати што тогаш се пријавиле заедно со Дуковска или да се одело со нов предлог за уставен судија.

Оставката на уставната судијката Дабовиќ доаѓа по одлуката на судот за избор на тројцата кандидати за нов судија во Судот за човекови права во Стразбур, меѓу кои е и нејзиниот колега, деканот на правниот факултет професорот Сашо Георгиевски. Во нејзиното образложение за оставката испратено до Собранието, Дабовиќ навела дека поради семејни причини не можела да работи со полн капацитет.(П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ