Каматната стапка на благајничките записи останува непроменета на нивото од 4 %, одлучи Извршниот одбор на Народната банка на редовната седница одржана на 10 февруари 2026 година. Одлуката се носи во услови на сѐ уште зголемена инфлација, динамична кредитна активност и зголемени надворешни ризици, при што централната банка оценува дека е неопходно задржување на внимателниот пристап во водењето на монетарната политика.
Како што се наведува во анализата на Народната банка, одлуката е усогласена со тековните макроекономски движења и со проценетите ризици од надворешното и од домашното окружување. На аукцијата на благајнички записи што ќе се одржи на 11 февруари ќе бидат понудени 54 милијарди денари, додека износот на наредните аукции ќе се утврдува неделно, во зависност од ликвидносната позиција на банкарскиот систем.
Во анализата се потенцира дека иако покажува одредени знаци на стабилизирање, инфлацијата и понатаму останува над историскиот просек. Просечната стапка на инфлација во 2025 година изнесувала 4,1 %, под влијание на движењата кај базичната и прехранбената компонента. Остварувањата се блиску до октомвриската проекција, но ризиците за идната динамика и понатаму постојат, особено поради ревидираните, претежно нагорни проекции за цените на примарните производи на светските пазари.
Од Народната банка укажуваат дека, покрај надворешните фактори, значајно влијание врз инфлациските притисоци имаат и домашните политики што ја поттикнуваат агрегатната побарувачка. Оттаму оценуваат дека комбинираното дејство на каматната политика, измените кај задолжителната резерва и макропрудентните мерки е клучно за одржување на ценовната стабилност и за ограничување на системските ризици.
Податоците за надворешниот сектор, анализирани од Народната банка, упатуваат на стабилна девизна позиција. На крајот од јануари 2026 година, девизните резерви изнесувале 5,6 милијарди евра и според меѓународните индикатори, се оценуваат како соодветни за одржување на стабилноста на курсот на денарот.
Во однос на реалната економија, анализата покажува дека растот на БДП во третиот квартал од 2025 година забрзал на 3,8 % на годишна основа, додека расположливите индикатори упатуваат на натамошно, благо забрзување на економската активност, и покрај високата глобална неизвесност.












