Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, оцени дека САД „имаат право“ во новата доктрина за национална безбедност, во која Вашингтон остро ги критикува европските сојузници.
Калас зборуваше на форум во Катар, објавија западните медиуми.
Таа призна дека реакциите во Европа се во голема мера негативни, но дека некои од пораките од Вашингтон не се без основа.
„Има многу критики кон американската доктрина. Но, мислам дека дел од ова е вистина“, рече Калас.
Според неа, САД се во право кога укажуваат на недоволната стратешка независност на Европската Унија и потребата Европа да ја обезбеди сопствената безбедност во поголема мера.
На 5 декември, Белата куќа ја претстави новата Национална безбедносна стратегија на САД.
Во документот се наведува брз крај на конфликтот во Украина, како и враќање на стратешката стабилност со Русија како клучни интереси. Вашингтон, покрај тоа, експлицитно бара Европа да преземе поголема одговорност за сопствената одбрана.












