Шефицата за европска надворешна политика, Каја Калас, денес ги отфрли тврдењата на САД дека Европа е во опаѓање и наместо тоа го претстави Стариот континент како чувар на стандардите на слободата и напредокот.
Зборувајќи на последниот ден од Минхенската безбедносна конференција, Калас рече дека Европејците имаат „одличен животен стандард“ на кој луѓето ширум светот завидуваат.
Како доказ, таа ги наведе резултатите од анкетата што покажува дека 40 проценти од Канаѓаните би сакале да се приклучат кон ЕУ.
Нејзините изјави се одговор на тврдењата во новата стратегија за национална безбедност на САД, во која се наведува дека Европа е во цивилизациски пад поради миграцијата, културните и религиозните промени и падот на стапката на наталитет. Во документот се наведува дека Европа би можела да биде непрепознатлива за дваесет години.
„Спротивно на она што некои го велат, Европа не е во цивилизациски пад“, рече Калас, додавајќи дека критикувањето на Европа станало модерно во некои политички кругови.
Поранешната естонска премиерка изјави дека нејзината земја е втора по слобода на медиумите според индексот на „Репортери без граници“.
„Интересно е што нè критикува земја која е 58-ма на таа листа“, рече Калас, осврнувајќи се на САД.
Според најновиот индекс за 2025 година, САД се на 57-мо место на листата на земји, предводени од Норвешка.












