Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денес ги отфрли тврдењата на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Европа е во терминален пад, оценувајќи дека континентот е глобален лидер на просперитетот и слободата.
Калас, говорејќи на последниот ден од Минхенската безбедносна конференција, рече дека Европејците имаат одличен животен стандард на кој луѓето ширум светот завидуваат, повикувајќи се на истражувања кои покажуваат дека околу 40 проценти од Канаѓаните би сакале да се приклучат кон Европската Унија.
Таа реагираше на проценката на Вашингтон, најјасно изразена во неодамнешната Национална безбедносна стратегија од 33 страници, дека Европа е во опасност од „цивилизациско уништување“ поради миграцијата, културните и религиозните промени и падот на наталитетот. Во извештајот се наведува дека континентот би можел да биде непрепознатлив во рок од две децении.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, го повтори тој став вчера во говорот на конференцијата на светски лидери, воени претставници и креатори на политики.
Функционерите на администрацијата на Трамп, исто така, ги обвинија европските влади за задушување на несогласувањето, особено од десницата.
– Спротивно на она што некои тврдат, „разбудената“ декадентна Европа не се соочува со бришење на цивилизацијата – рече Калас во нејзиното воведно обраќање.
Подоцна додаде дека критикувањето на Европа станало модерно во одредени политички кругови, и покрај успехот на ЕУ во „туркањето на човештвото напред“.
Калас, поранешната премиерка на Естонија, истакна дека нејзината земја е втора на Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници.
– Интересно е да се слушаат критиките за слободата на медиумите што доаѓаат од земја која е на 58-мо место на оваа листа – рече Калас, зборувајќи за САД.
На најновото рангирање, САД всушност го зазедоа 57-мо место, пренесува ДПА.












