Какви еколошки последици остави хемикалијата што се излеа од погон во Пинтија?

203

Додека стравуваат граѓаните дека може од хемикалијата да се контаминира просторот и пошироко, бидејќи во текот на вчерашниот ден била разнесувана од автомобилите што се движеле по булеварот „Борис Трајковски“, Град Скопје, Општина Кисела Вода, Министерството за животна средина и просторно планирање, како и Државниот инспекторат за животна средина меѓусебно си ја префрлаат одговорноста. На терен биле инспектори од Државниот инспекторат за животна средина и од Град Скопје, а на фирмата „Екопор“ градските инспектори ѝ изрекле забрана за работа од 30 дена и парична казана со можност за спогодување. Од Град Скопје нагласија дека за ваков вид хаварија, покрај паричната казна за сторителот од 45.000 евра, следува и затворање на погонот, како и налог за санирање на штетите предизвикани од инцидентот

 

Граѓаните реагираат на хаваријата што се случи вчера доцна попладне, во населбата Пинтија, кога од резервоар на објект на приватната компанија за производство на стиропор „Екопор“, изграден во внатрешноста на населеното место, се излеаја хемикалии користени во производствениот процес. Црна течност се излеваше од атмосферската канализација и по булеварот „Борис Трајковски“.

– Чекаме да се случат некоја несреќа, некоја тешка хаварија и други лоши работи за да почне да се испитува документацијата, одобрението за работа, кој дал и зошто дал а се знае зошто дал – коментира скопјанка.

Други, пак, стравуваат дека може од хемикалијата да се контаминира просторот и пошироко, бидејќи во текот на завчерашниот ден била разнесувана од автомобилите што се движеле по булеварот.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити во врска со излевањето на хемикалиите, денеска изјави дека веќе постапува Државниот инспекторат за животна средина, кој е надлежен за терен и спроведување казни, и упати на Инспекторатот за подетални информации. 

Од Министерството за животна средина и просторно планирање, пак, информираа оти било констатирано дека имало истекување мазут и дека биле преземени сите мерки за санација, но за подетални информации, и тие упатија на Државниот инспекторат за животна средина.

Дарко Блинков од Државниот инспекторат за животна средина истакна дека иако не е тоа во нивна надлежност, бидејќи Град Скопје издал елаборат за заштита на животната средина, излегле на терен заедно со градските инспектори, во присуство на полицијата и дека градските инспектори ѝ изрекле на фирмата забрана за работа од 30 дена и прекршок со можност за спогодување.

Од Град Скопје вчера излегоа со соопштение во кое се наведува дека излегле екипи на ТППЕ Скопје на самото место, со цел изолирање на инцидентот, како и инспекторите од Град Скопје, кои составиле записник за хаваријата.

– За ваков вис хаварија, покрај паричната казна за сторителот од 45.000 евра, следува и затворање на погонот, како и налог за санирање на штетите предизвикани од инцидентот – нагласија градските власти.

Оттаму додадоа дека со инспекциски извештај за извршениот технички преглед на опремата под притисок, со заклучок било нотирано дека има знаци на протекување на вентилот и дека правното лице „Екопор“ не презело мерки да го спречи настанувањето на хаваријата.

Од Град Скопје посочија за овој објект дека е под надлежност на Општина Кисела Вода и апелираа до Општината да постапи во рамките на своите надлежности, како и ресорното Министерство, со цел санкционирање на правното лице што ја предизвикало хаваријата.

Од Општина Кисела Вода, пак, ја префрлија одговорноста на Град Скопје, бидејќи тој ѝ издал и одобрил на фирмата елаборат за заштита на животната средина, на 31.12.2021 година.

– Од наша страна, иако не е во рамките на нашите надлежности, а во соработка со екипите на Противпожарната бригада од Скопје, обезбедивме пилевина и песок како најдобра солуција против пролизгување во вакви случаи на хаварија. Инспекторите од Кисела Вода веднаш излегоа на терен и констатираа протекување хемикалии од вентил при дефект, кои се користеле за производството – истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Тој апелираше до Град Скопје, кој го издал елаборатот за работа, и до сите надлежни институции да преземат мерки согласно со Законот, во рамките на своите надлежности и додаде дека граѓаните немаат причина за вознемиреност бидејќи се преземени сите мерки за заштита.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ