Бранителката на титулата на Ролан Гарос, Коко Гоф, имаше необичен старт на настапот во Париз откако на пат кон турнирот била вклучена во сообраќајна несреќа. Американската тенисерка откри дека инцидентот се случил непосредно пред натпреварот од првото коло, кога бил удрен нејзиниот автомобил и повеќе не можел да продолжи да се движи. Поради тоа, Гоф и нејзиниот тим морале да земат такси за навреме да пристигнат на теренот.

И покрај неочекуваниот стрес, Гоф одигра одличен меч и со сигурни 6:4 и 6:0 ја совлада сонародничката Тејлор Таунсенд.

По победата, во изјава за „ТНТ Спортс“ таа призна дека денот ѝ бил хаотичен.

  • Имавме мала сообраќајна несреќа на пат кон теренот. Почувствував удар, а работите во автомобилот беа расфрлани. Кога излеговме, видовме дека автомобилот веќе не може да се вози. На крајот зедовме такси и стигнавме. Најважно ми беше што стигнавме здрави – изјави Гоф.

Таа додаде дека, можеби, токму ваквата необична ситуација ѝ помогнала да не размислува премногу за натпреварот и да остане фокусирана само на играта.

  • Се случија многу работи, па не размислував многу за натпреварот. Бев среќна што стигнав здрава, а не на парчиња – додаде Гоф.

Во второто коло, Американката ќе се соочи со Мајар Шериф, а засега нејзината одбрана на титулата се одвива на најдобар можен начин.

Гоф истакна дека високите температури во Париз не ѝ претставуваат проблем, бидејќи пораснала во Флорида и е навикната на жешки услови.

Американката уште како тинејџерка беше најавувана како голем талент во светскиот тенис, а првиот гренд слем трофеј го освои на САД Опен, во 2023 година.

Минатата сезона, на тоа ја додаде и титулата на Ролан Гарос, а според стартот во Париз, уште еднаш јасно покажа дека е подготвена повторно да оди до самиот крај.

ИЗДВОЕНИ