вторник, јануари 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Каков „габарит“ ќе натежне во изборот на државен обвинител?

Каков „габарит“ ќе натежне во изборот на државен обвинител?

Обвинители и судии во трката за функцијата

94

Јавноста нема увид во кандидатурите на пријавените на огласот за нов државен јавен обвинител, од Собранието не ги објавија официјално имињата кои се во трка за функцијата, само кусо одговорија дека по истекот на рокот ќе бидат доставени до предлагачот, Владата.

Веќе неколку дена, имињата се нагаѓаат во јавноста, дел од кандидатите потврдија во медиумите, а дел објавија на своите профили на социјалните мрежи.

Според законот, кандидатурите треба да бидат разгледани на седница на Советот на јавни обвинители, каде што се дава мислење за секој од нив. Собранието го избира обвинителот со просто мнозинство.

Ако се суди по јавно изнесените ставови во Советот на обвинители за изборот на Анита Топалова-Исајловска за вршител на должност по оставката на Љупчо Коцевски, тогаш нејзината кандидатура ги има симпатиите на дел од членовите.

Членката на Советот, Кети Петкова, тогаш кажа дека Тополова-Исајловска претставува професионално и принципиелно решение бидејќи таа веќе десет години во континуитет ја извршува функцијата заменичка-републички јавен обвинител. Таа претходно соработувала со раководителите, па Советот оценил дека нејзиното длабоко познавање на работата на Обвинителството ќе обезбеди неопходен континуитет во институцијата.

Од настаните што ја поврзуваат професионално е тој кога, во 2024 година, како обвинителка поднела Барање за заштита на законитоста до Врховниот суд за укинување на решението со кое се одобрува обвинението во случајот „Талир“ на поранешното СЈО за нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, со што, практично, бараше 106 аудиоснимки и СМС-пораки да не бидат докази во предметот.

Во последен момент изненади кандидатурата на поранешната специјална обвинителка, Ленче Ристоска, која последниот период е во судир со премиерот Христијан Мицкоски за искажани ставови. Ристоска е дел од ОЈО Скопје и ги застапува случаите „Талир 1“ и „Талир 2“ против поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и партијата како правно лице, за незаконско финансирање.

Уште една искусна обвинителка се пријавила за менаџер на ЈО, Лидија Раичевиќ, која работи во ОЈО Скопје од 2003 година, а еден мандат работеше и како обвинител за организиран криминал и корупција. Нејзини попознати предмети се случајот за ексдиректорот на „Онкологија“, Нино Васев, за убиството на Пино Секондо, случајот „Ровер“ против Љубе Бошковски, предметот „Еразмус“, а меѓу последно актуелните е случајот со злоупотреба на ваучерите во Агенцијата за млади и спорт.

Својата кандидатура прв ја објави поранешниот претседател на кривичниот суд, Владимир Панчевски. Во времето на кривичните постапки од поранешното СЈО, Панчевски беше обвинет дека како претседател на скопскиот Кривичен суд го злоупотребувал системот за електронско распределување предмети, познат како АКМИС, со што одлучувал кој судија ќе суди предмет на СЈО.

Можеби помалку познато во јавноста е името на судијата Ненад Савевски, кој, иако се очекуваше дека ќе се кандидира за прв човек на судот каде што работи скопска единица, сепак тој има амбиции да раководи со Обвинителството. Освен по кривично-правните предмети, Савески остана запаметен по пораката што ѝ ја упати на членката на Судскиот совет, Антоанета Димовска. „Одете си оттаму веќе! Доста е од вас! Срам сте!“ ѝ порача  Савески, со што жестоко реагираше на нејзината поддршка за вршител на должноста претседател на Основниот кривичен суд Скопје, наместо најдобро оценетиот судија, да биде назначен единаесетторангираниот, во случајот, судијката Даниела Димовска.

Премиерот, по чија иницијатива почна процесот за нов јавен обвинител, вчера рече дека е во тек. „Сега постапката е да се произнесе Јавното обвинителство, односно Советот на јавни обвинители, да почекаме тие да се произнесат, а потоа Владата ќе излезе со свој став“, рече Мицкоски. (П. А.)

ИЗДВОЕНИ